Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во телефонски разговор со рускиот претседател Владимир Путин побарал воспоставување безбедносен коридор широк 30 километри долж границата со Турција во Сирија.
Кабинетот на Ердоган објави дека тој ја повторил „важноста и итноста“ за создавање коридор во северна Сирија, во согласност со договорот меѓу Турција и Русија од 2019 година, поради акциите на курдските борци кои Анкара ги смета за терористи.
Според договорот со Турција од 2019 година, Русија вети дека ќе воспостави тампон зона меѓу турската граница и силите на курдските Единици за заштита на народот (ИПГ), која ќе биде контролирана од сириската армија и руската воена полиција. Договорот не е целосно спроведен, иако во пограничниот регион се и руските и сириските владини сили, како и некои американски војници.
Пред три недели, Турција започна воздушни и артилериски напади во Сирија и Ирак како одговор на бомбардирањето на 13 ноември во Истанбул, во кое загинаа шест, а беа ранети десетици.
Турската влада ја обвини Курдистанската работничка партија (ПКК) и нејзиниот сириски огранок, ИПГ, за бомбардирањето. Двете групи негираа вмешаност во нападот.
Ердоган се закани и со копнена офанзива во Сирија. Планираната турска инвазија беше запрена претходно оваа година поради противењето на САД и Русија, кои имаат воени позиции во регионот.
Ердоган, исто така, му рекол на Путин дека договорот со посредство на ОН и Турција, кој обезбедува извоз на украинско жито од пристаништата на Црното Море, може постепено да се прошири и на други прехранбени производи и други стоки, се вели во соопштението.
Оваа недела, рускиот заменик-министер за надворешни работи Сергеј Вершинин беше во Турција за да разговара за Сирија, а разговараа и за Украина и руската понуда да ја направи Турција центар за продажба на природен гас.
Следете не, не има насекаде