ноември 23, 2024

Во Македонија има околу 700.000 пушачи кои годишно трошат по 5,5 килограми тутун по глава на жител, покажува анализата на Институтот за јавно здравје.

Поминаа 17 години од првите сеопфатни забрани за пушење во јавни простории, но бројот на пушачи во Македонија не само што не се намалува, туку сè повеќе се зголемува.

Речиси половина од населението на 15 до 64 години активно пуши цигари. Во Македонија има околу 700.000 пушачи кои годишно трошат по 5,5 килограми тутун по глава на жител, покажува последната анализа што ја спровел и јавно објавил Институтот за јавно здравје.

Според Институтот, преваленцата на пушење цигари изнесува 46% што е раст од околу 4% во последните речиси две децении. Податоците покажуваат дека секој втор маж е пушач и секоја трета жена е „зависна“ од никотин. Секој трет смртен случај кај возрасните мажи е поврзан со последици од пушењето цигари, а тоа важи и за секоја седма жена.

Македонија е сместена и на второто место во Европа според бројот на испушени цигари, доколку не се вбројат Андора и Луксембург каде има „цигарски туризам“ бидејќи од околните земји доаѓаат многумина поради поевтините пакувања.

Законите се менуваат, навиките не

На 1 јануари 2006 година започна да се применува Законот за контрола на тутунските производи. Пушачите за првпат ги видоа шокантните сликички на пакувањата цигари кои укажуваат на штетните последици. Веќе во 2010 година беше донесена нова регулатива со која целосно се забрани пушење цигари во сите затворени простории, ресторани, пабови, дискотеки.

Прославите на Новата година поминуваа вообичаено, со зачадени места за забава, а не се гасеа цигарите ни по полноќ. Веќе на првиот ден од новата декада се засилија инспекциските надзори.

Забраната најмногу се почитуваше во главниот град, а помалку таму каде нема контроли или заштита за локалите од институциите. Но, угостителите иако првично преземаа мерки за прилагодување како греалки за терасите на отворено, постепено примената на законите за забрана на пушење стана се покревка.

Веќе во 2017 година со последните измени практично сите ресторани, кафулиња и затворени места за забава имаат можност да ги угостат пушачите со прилагодените „тераси“. Просторот за пушење се повеќе го зазема „нормалниот“ дел од локалите кои вообичаено се резервирани само за непушачи.

Иако многу земји во светот воведуваат поригорозни закони за ограничување на пушењето, со одлука на Владата на Македонија дозволено е пушење електронски цигари и во затворени јавни простори.

Одлуката е објаснета дека овие производи не се класифицирани како тутунските производи кои горат бидејќи работат на принципот на загревање и не потпаѓаат под Законот за заштита од пушење. Сепак, искуството од други држави покажува дека и е-цигарите се забранети во затворени јавни простори.

Не помагаат ниту поскапувањата

Во 2006 година со засилените законски мерки цигарите поскапеа 15 денари или 25 евроценти. Ако пред 15 години просечна цена на основна класа цигари беше половина евро, денес една кутија цигари се продава во просек за 2 евра.

Иако поскапувањето на цигарите е неколкукратно, Северна Македонија и натаму ги има меѓу најевтините цигари во регионот и Европа. Премиум брендовите се продаваат и по 3 евра, што е неспоредливо со било која европска земја каде најевтината кутија е над 5 евра.

Според проценките на организацијата за спречување на пушењето „Тутунски атлас“, во Македонија цигарите се виновни за над 4.000 смртни случаи годишно, а над 5% од учениците до 14 годишна возраст пробале цигара.

Бројот на пушачи може да се намали со поголема проактивност во примарната заштита, сметаат експертите од Институтот за јавно здравје. Со препорака на матичен лекар може да се одбере советодавна програма за одвикнување.

Сепак, достапноста на цигарите, либерализираниот закон за пушење во угостителски објекти, како и недостигот на јавни кампањи и повеќе средства за програми за одвикнување ќе го одржува високиот процент на пушачи меѓу македонското население.

TRT Balkan Macedonia

Следете не, не има насекаде

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

mk_MK
mk_MK