Министерството за финансии денеска соопшти дека вкупните приходи во 2022 година се реализирани со 99 проценти од проектираното, а расходите се нешто пониски од очекуваното. Буџетскиот дефицит е понизок за 117,6 милиони евра во однос на проектираното или во споредба со 2021 година за 8,7 проценти. Реализацијата на капиталните расходи е 88 проценти или за над 85 милиони евра повисока во однос на 2021 година.
Во текот на минатата година е остварен и поврат на ДДВ повисок за 208 милиони евра во однос на претходната година.
– Наплатата на давачките одеше согласно планираното, дури кај некои од даноците имавме значително натфрлање во однос на проекциите, како кај данокот на личен доход и кај данокот на добивка со 105,4 проценти и 117,8 проценти реализација, респективно. Во 2022 година, остварени се вкупни приходи од 243,1 милијарди денари, а реализацијата е многу блиска со проекцијата и изнесува 98,92 проценти. Вкупните приходи се повисоки за 11,5 проценти во однос на 2021 година, вели министерот за финансии Фатмир Бесими.
Ова, според Бесими, во голема мерка се должи на даночните приходи и придонесите, кои минатата година се реализирани со високи 99,3 проценти или 220,2 милијарди денари, односно за 12,2 проценти повисоко во однос на 2021 година.
– Реализацијата на даноците е 99,7 проценти или 140,5 милијарди денари. Реализацијата кај ДДВ е 94,6 проценти, а блиска е реализацијата и кај акцизите со 94,7 проценти. Наплатата на даноците во 2022 година е за 13,1 проценти подобра во однос на претходната година, со најголемо натфрлање кај данокот на добивка за 45,1 проценти, но и подобра реализацијата кај данокот на личен доход за 16,1 проценти и на ДДВ за 11,3 проценти во однос на 2021 година. Повратот на ДДВ во 2022 година е повисок за 42,7 проценти во однос на претходната година, додека во однос на 2020 и 2019 е повисок за над 70 проценти, информира ресорното Министерство.
Реализацијата на придонесите е 77,62 милијарди денари или 98,8 проценти од очекуваното, што во најголема мера се должи на придонесите од плати за пензиско и инвалидско осигурување со наплата од 50,6 милијарди денари. Придонесите се повисоки за 9,9 проценти во однос на 2021 година.
Натфрлена е реализацијата и на неданочните приходи со 101,3 проценти или 17,27 милијарди денари.
– Минатата година редовно и навремено ги сервисиравме сите обврски, а дополнително беа одвоени средства за антикризни мерки, за поддршка на граѓаните и на стопанството. Вкупните расходи се реализирани нешто пониско од проектираните и истите изнесуваат 278,59 милијарди денари или 96,57 проценти од проекцијата, со што и буџетскиот дефицит е понизок од проектираното. Тековните расходи се остварени со 97,67 проценти. Расходите за плати и надоместоци се реализирани со 98 проценти, додека за стоки и услуги 87,9 проценти, каде се рефлектираат и донесените мерки за штедење. Трансферите се реализирани со 98,8 проценти, вели министерот Бесими.
Капиталните расходи на крајот од 2022 година имаат реализација од 87,9 проценти или 28,64 милијарди денари и се повисоки за 22,3 проценти во споредба со 2021 година.
– Дефицитот е реализиран со 83 проценти од планираното, односно околу 35,500 милијарди денари, што е за 7,23 милијарди денари пониско во однос на проектираното за 2022 година. Дефицитот е понизок за 3,4 милијарди денари или за 8,7 проценти помалку во однос на лани. Ова е согласно нашата определба како Влада секоја година постепено да го намалуваме буџетскиот дефицит во функција на фискална одржливост, нагласува министерот Бесими.
The post Бесими: Дефицитот понизок за 117,6 милиони евра во однос на планот, реализацијата на капиталните инвестиции 88 проценти appeared first on 24 Инфо.
Следете не, не има насекаде