ноември 23, 2024

Знаците на дехидратација не секогаш се очигледни, а ова се неколку совети како вашето тело да не остане без потребната количина вода за нормално функционирање во текот на летото.

 

 

 

 

Ако сте жедни, тоа е најочигледниот знак дека сте дехидрирани, што значи дека вашето тело нема доволно течности за правилно функционирање. Но, постојат симптоми кои, исто така, говорат дека на телото му недостига вода иако воопшто не сте жедни.

 

Што е дехидратација?

 

Дехидратацијата не значи само дека вашето тело губи вода, тоа значи и дека губите електролити кои му помагаат на вашето тело да дише, да се движи и да ги прави сите нешта потребни за нормален живот и опстанок. Одредени здравствени состојби, вклучително и дијабетес, може да доведат до зголемен ризик од дехидратација. Ако сте се препотиле од топлото или од преголемо напрегање, повраќање или дијареја поради грип или други акутни болести или често мокрење, важно е да внимавате на количината течности што ги внесувате, велат експертите.

 

Необични симптоми на дехидратација

 

Ако станете исклучително дехидрирани – состојба која СЗО ја дефинира како губење повеќе од 10 отсто од телесната тежина во течности – тоа може да доведе и до фатални компликации. За среќа, тоа е ретко. Вистина е дека можете да изгубите 3 до 4 отсто од телесната тежина од дехидратација, а да не почувствувате никакви симптоми. Сепак, кога ќе изгубите 5 до 6 отсто, ќе почнат да се јавуваат и симптомите. Жед, умор, вртоглавица се знаци дека е време да посегнете по водата или спортски напиток кој содржи малку шеќер и многу електролити.

 

Внимавајте на овие 6 необични симптоми кои може да посочат дека сте дехидрирани:

 

Лош здив

 

Плунката има антибактериски својства, но дехидратацијата може да го спречи телото да создава доволно плунка. Ако не создавате доволно плунка, може да дојде до раст на бројот на бактерии во устата, а еден од споредните ефекти е лошиот здив. Од истата причина може да се разбудите со лош утрински здив. Произведувањето плунка забавува во текот на спиењето, што доведува до непријатен вкус во устата. Значи, следен пат кога ви е сува устата и ви мириса здивот, време е за чаша вода.

 

Сува кожа

 

Многу луѓе мислат дека оние што се дехидрирани се запотени. Но, всушност, додека минувате низ различни фази на дехидратацијата, пред сѐ, имате сува кожа. Уште еден клучен симптом на дехидратацијата поврзан со кожата е кога таа останува збрчкана и потребно ѝ е некое време да се врати во нормален изглед.

 

Грчеви во мускулите

 

Кога вашето тело губи течности, тоа не е во состојба да се излади доволно, што доведува до топлотен удар. Еден од симптомите на кои треба особено да се внимава се грчевите во мускулите, кои може да се случат при вежбање, особено кога е топло. Колку повеќе се загревате, толку е поголема веројатноста дека ќе добиете грчеви во мускулите, а тоа е поради чистиот топлотен ефект на мускулите. Недостигот на електролити како натриум и калиум може да доведе до грчење на мускулите. Имајте на ум дека кога ќе дојде до дехидратација по вежбање, не е сеедно која течност ќе ја примите. Една студија откри дека кога учесниците се рехидрирале со пијалак кој содржи електролити, имало помала веројатност за развивање грчеви во мускулите. Од друга страна, оние што пиеле обична вода, имале грчеви. Дури и на студено време може да има дехидратација ако во текот на тренингот не пиете доволно течности. Симптомите можеби ќе бидат поблаги или ќе се јавуваат побавно, но ризиците се исти, без оглед на надворешната температура.

 

Треска

 

Обемно се потите, а кожата ви е студена – тоа е знак на треска, која, пак, може да ја влоши дехидратацијата. Колку е повисока температурата, толку подехидрирани станувате. Ако телесната температура не се намали, кожата од студена ќе премине во топла и сува. Во тој момент е важно веднаш да се оладите и да одите на лекар, советуваат експертите. Нанесувањето ладни облоги е само краткорочна стратегија.

 

Желба за храна, особено за слатки

 

Кога сте дехидрирани, на црниот дроб, кој користи вода, може да му е тешко да ослободи гликоген и други компоненти на енергетските резерви, па може да добиете желба за храна ако во организмот нема доволно течности. Иако може да имате желба за што било, желбата за слатки е почеста бидејќи телото можеби има тешкотии со разградување на гликогенот за да ослободи глукоза во крвотокот.

 

Главоболка

 

Дури и благата дехидратација може да предизвика главоболка и мигрена. Пиењето чаша вода, а потоа голтка по голтка во текот на денот е едноставен начин за ублажување на болката, ако причината за главоболката е дехидратација.

 

Како да препознаете дехидрираност?

 

Ако сте жедни, веќе сте дехидрирани. Но, недостигот на жед не мора да значи дека сте добро хидрирани. Еве два начина како да проверите дали вашето тело е хидрирано:

 

Тест на кожата: со два прста фатете малку кожа на раката и потоа пуштете ја. Кожата треба да се врати во нормална состојба за помалку од неколку секунди. Ако се враќа побавно, можеби сте дехидрирани.
Проверете ја урината: ако сте добро хидрирани, вашата урина главно ќе биде бистра, со нијанса на жолта боја. Темножолта и портокалова се бои на предупредување – почнете веднаш да пиете течности.

Следете не, не има насекаде

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

mk_MK
mk_MK