Најавата за еднаквост пред законите од партиите на власт е претворена во фарса пред варварското поведение од претседателот на Собранието, Африм Гаши. Најавата на Мицкоски дека ДПМНЕ нема да ја поддржи интерпелацијата е само поддршка за газењето на Уставот, кршењето на законите и злоупотребите на деловникот од страна на собранискиот спикер, кому сето ова му „успеа” за пократко од 100 дена, реагираат од Левица.
– Збеснатиот Гаши смогна сили и непосредно по поднесувањето на интерпелацијата да направи нов скандал, одејки со службено возило и собраниско обезбедување на свадба во друга држава – дејствие проследено со блокирање на границата и овозможување нелегален нејзин премин од други возила; скандал, не помал од оној кога неговото обезбедување вадеше пиштол на полициски службеник.
Децидни сме дека Африм Гаши нема ниту углед, ниту интегритет да ја врши функцијата претседател на Собранието и заради тоа бараме поддршка за интерпелацијата во седум точки:
1. Повреда на секуларноста на државата;
2. Повреда на дипломатските правила за обезбедување на ВИП – личности;
3. Повреда на употребата на македонскиот јазик;
4. Повреда на правилата за употреба на државните инсигнии;
5. Повреда на начелото на инкомпатибилност на функциите;
6. Повреда на законските и етичките одредби за антинепотизам;
7. Повреда на низа деловнички одредби за нормална работа на пратениците!
Сметаме дека доволно е срушен угледот на државата за да се толерира овој варваризам! Повторуваме и потсетуваме дека стоиме на располагање и даваме бланко – поддршка на пратениците од ДПМНЕ за смена на Претседателот на Собранието и избор на нов собраниски спикер од нивната пратеничка група.
Левица уште еднаш ги повикува пратениците на ДПМНЕ да престанат да ги штитат антидржавните и косовски елементи во сопствената коалиција и Влада, кои непрекинато ги ништат угледот и достоинството на државата.