октомври 30, 2024

СВЕТСКИ МАКЕДОНСКИ КОНГРЕС

ЖАЛНА ВЕСТ: БЛАГОЈЧЕ ХАЏИ СПИРКОСКИ 1981-2024

24 август 2024 година, Прилеп, Македонија – По кусо боледување, денес во Прилеп почина Благојче Хаџи Спиркоски, уметник, хуманист, верник во Бога и борец за Божјата правда. Беше Христов слуга, голем ревнител на православната вера и голем Македонец за својата татковина Македонија. Правдољубив и чесен, секогаш дружељубив и насмеан, за секого имаше љубов и разбирање.

Благојче Хаџи Спиркоски е роден на 9 септември 1981 година во Прилеп. Потекнува од скромно семејство, мајка и татко, тој и неговите две сестри. Основно образование завршил во Општинското основно училиште “Кочо Рацин” во Прилеп, средно образование завршил во Електро-машинскиот училиштен центар “Ристе Ристески Рицко” во Прилеп, а студираше на Универзитетот “Свети Климент Охридски” во Битола.

Од мал е љубител на хип-хоп музиката, бил дел од македонската музичка група “Македонски синови”. Голем љубител е на уметноста, посебно на ликовната уметност. Бил член на прилепската навивачка група “Мајмуни”.

Последните години од неговиот живот се предаде на Бога. Беше ревносен исповедник на верата Христова, знаеше да каже “Само од Христа се плашам, само на Него да не му згрешам!“

Со радост ја носеше тешката болест, а на прашање како си, одговараше “Во Слава на Бога, сè е за мое спасение. Ти благодарам Господи за болеста што ми ја даде.” Тоа беа зборовите на човекот со блага душа, но бескомпромисен кон еретиците и строг кон предавниците на верата Христова. Секогаш беше искрен и се бореше за светата Православна Црква, ги разобличуваше предавниците во мантија кои пробаа и се уште се обидуваат да ја предадат Црквата света на еретици и непријатели. Не им се плашеше никогаш, иако го пријавуваа во полиција, му правеа секакви притисоци, затоа што со име и со слика ги објавуваше на социјалните мрежи дел од оние еретички служители – монаси и свештеници – кои му целиваат рака и му се поклонуваат на “папата“ во Истанбул, а сакаат да ја уништат Црквата Македонска. Голема беше неговата ревност и љубов за Македонија и за Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, беше и остана голем верник во Бога.

Кога замина на хемотерапија во болницата во Прилеп, на неговиот ФБ-профил на 23 мај годинава напиша: “Сега со радост и љубов ја прифаќам и оваа борба и ова искушение кое е допуштено врз моето тело од тебе Господи и Боже мој, така што благодатта на Светиот Дух нека делува преку лекарите и хемотерапијата, па со тоа и да се лекува телото мое. Секако знам дека, се’ ова е за мое добро и за мое спасение, бидејќи Ти си Бог на љубовта и ништо лошо не може да излези од тоа што Ти допушташ врз мене. Уште еднаш ти благодарам Господи за се’ што ми даваш, за сета сила и крепост во маките и искушенијата и што толку многу ме сакаш. По молитвите на Пресветата наша Мајка Богородица, на сите светии и на светиите Симеон Зилот и Јоаким Крчовски. Господи Исусе Христе сине Божји, помилуј ме и спаси ме грешниот! Христос Воскресе!” На 25 јули годинава пак допишал: “Кога мислиме дека во големите тешкотии, маки и искушенија не’ напуштил Господ наш Исус Христос, токму тогаш Тој не’ носи во раце. Затоа, да бидеме трпеливи во борбата, силен и бодар да ни биде духот, да не паѓаме во маките и да не очајуваме, затоа што и да ни се случува треба да разбереме дека во Христос нема мртви, сите се живи. Нашиот Господ е Бог на живите и Бог на мртвите!“

Нека го спомне Господ Бог во Царството Небесно и нека му дари место мирно, место блажено каде што нема болка и воздишка, каде што почиваат душите на праведниците. Бог да го прости, и почивај во мир брате во Господа, Благојче, бори се за нашата Македонска Црква и оттаму со ангелите од небото. Амин.

Погребот ќе се изврши на 26 август 2024 година, понеделник, во 11 часот на новите градски гробишта во Прилеп, а неговото тело ќе биде изложено во Македонската православна црква “Благовештение” (Стара Црква)” во Прилеп од 9.00 до 11.00 часот.

Следете не, не има насекаде

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Generated by Feedzy
mk_MK
mk_MK