декември 23, 2024

Пензиите пораснаа ‘само’ за 10.4% мерено во октомври 2022 во однос на октомври 2021 година, а индексот на трошоци на живот пораснa за 19.8% во истиот период. Инфлацијата ја намали реалната вредност и на пензиите и на платите, но просечната реална плата пораснала за  19.4%, а просечната реална пензија за само 8.0% во октомври 2022 во однос на 2016 година.

ИНФЛАЦИЈАТА ГИ “ИЗЕДЕ“ ПЕНЗИИТЕ

Инфлацијата, која на почетокот на растот на цените се оценуваше како транзициона и со привремено траење, растеше забрзано и постигна високо ниво во тек на 2022 година. И токму во тек на годината со највисок раст на цените беше изменета формулата за усогласување на износот на пензии, моделот на усогласување со пораст на цени на мало се замени со комбинирање на пораст на цените и пораст на платите во 2022 година.

Движење на пензиите во однос на платите

Претходно, забрзаниот раст на платите помеѓу 2016 и 2022 година,  кога просечната номинална плата порасна за 41.13%, а просечната номинална пензија за 27.62% предизвика опаѓање на соодносот на просечната пензија со просечна плата од  58.52% во 2016 година на само 52.92% во октомври 2022 година. Изгледа дека ново-стариот модел на усогласување на износот на пензија со порастот на плати и на цени придонесе за дополнителна ерозија на пензиските приходи на македонските пензионери во 2022 година.

Причини за усогласување на пензиите

Механизмите за усогласување на пензиите претставуваат едно од централните прашања на пензиските политики, а нивното значење се зголемува во периоди на висока инфлација, каква што е сегашната. Усогласувањето се однесува на тоа како растат пензиите што се исплаќаат со текот на времето, и претставува автоматско зголемување на пензиите во согласност со зголемувањето на цените, платите или некој друг избран индекс. Целта е да се одржува реалната вредност на првобитно утврдената пензија во текот на нејзината исплата. Усогласувањето на пензиите е клучно прашање за остварување на пристојни пензии затоа што тие обично се исплаќаат во текот на долг период и во голема мера се главниот извор на приход за повеќето пензионери. Ако не се врши соодветно усогласување во текот на подолг период куповната моќ на пензиите постепено би била еродирана од инфлацијата.

Различни земји  и во различни периоди на економски, политички, финансиски состојби применуваат различни правила за усогласувањето на пензиите, а некогаш се применуваат и дискрециони зголемувања на пензиите, како што беше применето неколку пати и од македонските власти.

Како влијае инфлацијата врз пензиите

Сегашните услови на висока инфлација го менуваат стандардниот начин на размислување за усогласување на пензиите, затоа што номиналниот пораст на пензиите е понизок од зголемувањето на цените со што опаѓа нивната куповна моќ. Но, не ја влошува состојбата на пензионерите само директното намалување на куповната моќ на пензиите од инфлацијата, туку и тоа што приходот од пензија е единствен или главен извор на приходи на најголем дел од пензионерите, што ги прави помалку способни да се справат со неизвесноста и негативните шокови кои влијаат на нивниот реален приход.

Како да се заштити реалната вредност на пензиите при висока инфлација

Промената на правилата на усогласување на пензиите обично се врши кога неговата примена не е соодветна на тековната состојба и не дава очекувани резултати за пензиите.

Високата инфлација поставува предизвик пред носителите на одлуки во врска со заштита на економските субјекти и на различни категории граѓани од последиците на порастот на цените. Не е реално да се очекува пензиите да се усогласат целосно со порастот на цените, затоа што тоа значи дополнителен трошок за пензии во услови на намалени буџетски приходи. Но, може да се предвидат алтернативи за намалување на штетата од инфлацијата врз пензиите. Една би била воведување на привремено и краткорочно усогласување со стапката на инфлација во одреден процент од вкупната инфлација, со што товарот од влијанието на инфлацијата врз пензиите би се поделил помеѓу државата и корисниците на пензии. А може да се изнајдат и други мерки, и затоа креаторите на пензиските политики треба да имаат поактивен пристап и да ги дизајнираат мерките во согласност со актуелната состојба и со цел да се одржи адекватноста на пензиите.

Целиот текст е достапен на следниот линк: https://pari.com.mk/inflacijata-gi-izede-penziite/

Следете не, не има насекаде

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

mk_MK
mk_MK