септември 21, 2024

Стевчо Јакимовски влегува во последната четвртина од неговиот четврти мандат како градоначалник на Општина Карпош. За тоа како е задоволен од последните три години, за односите со Советот во општината, со Град Скопје, но и за различни актуелни теми, Јакимовски одговара во интервју за 24инфо.мк

Наскоро се навршуваат три години од вашиот мандат, што успеавте да реализирате од вашата програма?

Јакимовски: Четиринаесет месеци потрошивме да ја деблокираме општината. Тоа значи првата година ја потрошивме да вратиме пет и пол милиони евра долг. Во периодот пред мене приходите биле драстично намалени од 9 милиони евра годишен приход на 5,5 милиони евра. Втората година работевме на зголемување на приходите и полека почнавме да работиме на дел од планираните обврски. Приходите на Буџетот сега се стабилни, но не се доволни за да ги оствариме сите работи што сме ги ветиле. Не сме ветиле ново улично осветлување. Поставивме ново „паметно“ светло со кое направивме огромни заштеди. И штедењето „преку една сијалица“ и исклучување во ноќните часови го даде резултатот и ние сме една од ретките општини, веројатно единствена, што сама, без приватно јавно партнерство ги заменуваме светилките. Тоа ќе чини 1,5 милиони евра. За разлика од нас има општини кои оваа операција ќе ги чини од 7 до 10 милиони евра благодарение на погрешните одлуки за склучување на договори за јавно приватно партнерство. На училиштата поставуваме фотоволтаици, истите ги реновираме и тоа со антибактериска фарба за прв пат по 2012 година.

До сега направивме само четири фасади на згради, односно онолку колку што имаме пари. Асфалтиравме повеќе улици, секаде каде што има проблеми со канализација ја решаваме и спортските терени едно по едно ги постиламе со вештачка трева. Истите претставуваат вистинско задоволство за тие што сакаат да спортуваат. Набавуваме СМАРТ телевизори за училиштата, а ќе ги опремиме и со најсовремени лаптопи. Тече проектот за возачки дозволи за млади. Во континуитет тече проектот за замена на азбестни покриви, како и проектот за замена на лифтови. Даваме субвенции на ужинките, на екскурзиите, стипендираме талентирани ученици и спортисти, ја поддржуваме училишната лига итн… За жал контејнерите не можат да одат под земја затоа што од ЈП Комунална хигиена ме информираа дека не се опремени со такви камиони.

Воведовте зонско паркирање во одредени делови од општината, какви ефекти даде тоа и дали ќе се проширува опфатот?

Јакимовски: Ефектите се одлични. Веќе има доволно простор за паркирање. Очекуваме согласност за зонско паркирање и за граѓаните на Млечен ресторан.

Како ја оценувате соработката со Советот на општината, сведоци бевме на одредени несогласувања и блокади, како тоа се одразува на функционирањето на општината?

Јакимовски: Соработката е падни-стани. Се одразува на квалитетот на услугите кон граѓаните и решавањето на нивните проблеми, а пред се на финансиската кондиција на општината. Жал ми е што овој состав на советници не го искористија моето искуство и знаење за позади овој мандат да оставиме многу убави работи за општина Карпош, а тоа се:

Реконструирани сите фасади во Карпош 1, Карпош 2 и Карпош 3. Отпочнување на изградба на подземна гаража на две нивоа и шеталиште во Лептокарија и изградба на две катни гаражи, една во Карпош 1 и една во Карпош 2. Но, очигледно, дека поединци погрешно ја сфатиле својата улога да одлучуваат за потребите на граѓаните и наместо решавање на нивните проблеми, тие се потрудија да ги зголемат истите и да им го усложнат живеењето. Некои од нив се млади и мислам дека ја сфатија добрата намера на општинската администрација и моја лично. Ја подобрија квалитетно соработката и ја зголемија својата лична одговорност кон функцијата советник, а има и такви кај кои што подобрување нема.

Колку сте задоволни од соработката со Град Скопје?

Јакимовски: Соработката е нормална, но како што се вели, секогаш може и подобро. Со Градот Скопје сме немале проблеми. Бидејќи сум јас долги години градоначалник одговорно тврдам дека секогаш проблеми се јавувале со јавните градски претпријатија посебно со ЈП Комунална хигиена и со ЈП Паркови и зеленило. Горе-долу ЈП Водовод и канализација си ја вршел работата професионално. За функционирањето на овие две претпријатија многу често сме разговарале и сме имале состаноци, а се со цел да има подобра услуга за граѓаните. Таму проблемот не е персонален, туку системски. Парите на граѓаните се трошат во огромната администрација. На сметка на извршители, на сметка на работници кои директно учествуваат во процесот на сервисирање на потребите на граѓаните. Овде пред се мислам на водоводџии, луѓе кои што ги одржуваат канализационите системи, одржувачи на зеленило, косачи, метлачи итн… Впрочем јавноста слушна за 72 лица кои со години не оделе на работа, дури живееле и работеле во странство. Земале плата и тоа зголемена за 30% затоа што постојано ги воделе како работници кои работат во 3 смена. Чудно е што јавноста не се возбуди за овој проблем, ниту било кој истражен орган., зошто 72 вработени помножено со 50.000 денари бруто плата, тоа е околу 60тина илјади евра месечно. На годишно ниво 720.000 евра, а за 15 години тоа е вкупно 9 милиони евра. Во изминативе 15 години може да замислите каков машински возен парк би имала ЈП Комунална хигиена и колку вработени би се ангажирале за одржување на хигиената, колку нови контејнери би имале и колку почист би ни бил градот.

Јас паметам кога паркови и зеленило функционираше со 400 луѓе од кои над 300 ангажирани во непосредниот сервис на одржување на зеленилото и потребите на граѓаните. Според информациите, сега ова претпријатие брои околу 700 вработени, а бројот на лица кои го одржуваат зеленилото, ги чистат парковите е намален. Ова го зборувам со цел да тргнеме по вистинскиот пат да го очистиме, да го окосиме, да го полееме и да го зазелениме градот Скопје и ништо подалеку од тоа. Секој што ја попречува оваа цел заслужува да биде надвор од одлучувањето и работењето на овие јавни претпријатија. За да го средиме ова пред се ни треба законски измени кои ги најави премиерот а потоа се повлече од истите убедувајќи не дека им треба измени на 2/3 закон за локална самоуправа, а само пред две седмици истиот закон влезе во собраниска процедура во прва фаза. Значи се нема волја за решавање на вистинските проблеми. А тоа е срам за сите нас да бидеме највалкан град на Балканот. Решенијата зависат само од нас и од никој друг. Односно ниту од ЕУ, ниту од НАТО. Носењето на законот за комунана инспекција од кого зависи? Па од владата се разбира. Утврдување на две депонии за градежен отпад за град Скопје секако е во надлежност на министерството за екологија и просторниот план кој го утврдува владаат. Значи има решенија за се. Ама очигледно не ги сакаме.

Како ја коментирате идејата на министерот за транспорт и врски за забрана за градење згради во Карпош?

Јакимовски: Се надевам дека оваа изјава беше извлечена надвор од контекст затоа што фактите говорат дека за 15 години во Карпош се изградени педесетина згради над три ката, а во општина Аеродром над 250 зграда. Во Центар над 200 згради. За Чаир, Тетово, Охрид и за други општини да не зборувам. Фактите се дека имаме место за сите деца од Карпош во училиштата и градинките. Немаме застој на сообраќајот на семафорите, Карпош не се поплавува на поројни дождови. Што значи дека на развојот сме ја прилагодиле инфраструктурата. За жал имаме општини каде што се уште граѓаните функционираат со септички јами, на секој дожд се поплавуваат… Не можат да си ги примат сите деца што ги имаат во градинките и училиштата, туку вршат притисок на нашата општина. Прашањето е кој е во хаос, а во исто време, во тие општини се предвидени стотина нови згради. Но, како и да е, очекувам средба со министерот и мислам дека за ова прашање ќе се разбереме бидејќи имаме делови каде што се само куќи. Имаме граѓани кои живеат во субстандардни услови и секојдневно прашуваат до каде е нивниот ДУП за да се реши нивно животно прашање за да живеат како нормални луѓе а не во куќи кои протекуваат, во влага, без олуци, во куќи во кои нивните деца се срамат да им дојдат другарчиња од училиште.

Каков е вашиот став за предложените измени на Законот за локална самоуправа?

Јакимовски: Мојот став многу убаво го артикулираше професорката Мирјана Најчевска. Нема да ги употребам нејзините погрдни зборови кои ги заслужуваат, затоа што градоначалниците кои станаа министри за ова време ништо спектакуларно не направија. Можеше да се почека нивниот влез во влада една и пол година. Од моментот кога тие влегоа во влада, до избори 2025 година имаше една и пол година и тие беа должни веднаш да ги распишат истите. Ова е само доказ дека живееме во држава без правна сигурност и дека ваков системски закон го менуваат онака како што си сакаат и според нивните потреби. Нели ќе ги одземеа ингеренциите на градоначалничката на Скопје и ќе ги делеа јавните претпријатија? Потоа изговор им беше дека треба да се смени законот за локална самоуправа. И после 15 дена од овие изјави влегоа во собраниска процедура за измените на овој закон, но без најавените измени за овие градски претпријатија. Значи законот не бил пречка, туку за оваа измена немаа согласност од нивниот коалиционен партнер ВЛЕН.

Освен градоначалник, лидер сте и на партијата ГРОМ, како го оценувате досегашното функционирање на партијата?

Јакимовски: Функционираме во нефер услови, особено во изборни. Цело време сме преокупирани медиумски со флоскулите на власта и на опозицијата и кога ќе дојдат изборите повторно таа окупација се зголемува многукратно преку реклами и пропаганда и тоа платено со народни пари. Може ли некој да објасни зошто Пендаровски како претседателски кандидат зема десеткратно повеќе пари за реклами во однос на нас останатите, кога сите сме кандидирани под исти услови (предложени од 10 .000 граѓани).

Што граѓаните можат да очекуваат да се реализира во последната година од вашиот мандат?

Јакимовски: Се надевам дека ќе отпочнеме со реконструкција на две градинки , асфалтирање на повеќе улици и подобрување на условите за работа на учениците во училиштата.

Следете не, не има насекаде

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Generated by Feedzy
mk_MK
mk_MK