септември 23, 2024

Во атмосфера на свештен трепет и на длабоко духовно ликување, вчеравечер во Свештената Обител Пречиста Кичевска, на вечерната богослужба се одвиваше еден од највеличествените моменти во животот на нашата монашка заедница – монашењето на нашата сестра Душица Будиноска од Струга, која го доби својот нов монашки идентитет пред Бога и пред луѓето, понесувајќи го достоинствено името на Светата рамноапостолна Христова првомаченица Текла. Ова небоземно собитие, исполнето со небесна благодат и со тивка радост, донесе пред Бога уште една душа целосно посветена на подвигот на љубовта, уште една запалена ламбада пред Тронот Троичен.

„Монаштво“, ќе каже во една прилика нашиот монашки родител во Христа, Старецот Епископ Антаниски г. Партениј, „е срцето на духовниот живот на Црквата, врутокот од кој извираат светителите и учителите на богопознанието. Во длабините на свештеното предание, монаштвото не е само избор и начин на живот, туку, пред сѐ, применета теологија, живo Евангелие, подвиг за ослободување на човекот од стегите на овој свет, со цел да се постигне вистинската и вечна слобода во Христа.

Човечката природа, низ монашкото жителство, се преобразува преку учество во животот на Воскреснатиот Христос. Тој подвиг не е само аскетско отфрлање на светот, туку пред сè и над сè – љубовна жртва, во која монахот го вложува сето свое битие во стремежот кон совршенството, кон Бога. Овој подвиг е икона на есхатолошкото Царство, во кое човекот станува она што е предназнаечен да биде – образ и подобие Божјо.

Оттука, монаштвото е пат на обожение, каде што човекот, преку богослуженијата, непрестајната молитва и соединувањето со Божествената благодат, го восовршува своето битие. Монашкиот живот е повик на отфрлање на себичноста, егоизмот и личните желби, заради прифаќање на Христовата волја, преку смирение, послушание трпение и љубов.

Во монаштвото се открива вечната вистина дека човекот е создаден за заедница со Бога. Секој монах во својата ќелија е еден мал свет, но и арена во која се одвива битката за вечниот живот. Монасите не се само испосници и молитвеници, туку и живи сведоци на Царството кое веќе започна, на царството Божјо, дојдено во сила (Марко 9,1), но кое допрва ќе се објави во својата полнота. Монасите преку својата посветеност го покажуваат патот за секој Христијанин – патот кон лична преобразба и воскресение.

Следете не, не има насекаде

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Generated by Feedzy
mk_MK
mk_MK