Од Државна лотарија на Република Македопнија информираат дека е исплатена најголемата досега, рекордната 7-ка вредна 1.700 000 евра, или 109.012.304 денари.
Добитникот е од Охрид и веќе ги посетил нивните простории, но сакал да остане анонимен.
– Најсреќниот Охриѓанец ги посети просториите на Државна Лотарија и ни раскажа за својата убеденост дека еден ден ќе дoбие 7-ка на Лото, па редовно и упорно уплаќал по 10 комбинации и по еден Џокер или вкупно 330 денари по коло. Бројчињата често ги менувал, дел од свои среќни броеви, дел по сопствен случаен избор, а некои колони ги избирал со квик-пик. Токму 6-тата колона од среќното 64-то коло на Лото 7 носи 3 од неговите среќни броеви – 7, 10 и 31 и токму таа колона (7,10, 27, 31, 33, 35, 36) ја впиша во Охрид 7-ката на којашто долго време се надеваа лото играчите ширум земјата, соопштија од Лотарија.
– Иако на Лото може да добие и некој што случајно ќе уплати само 30 денари за една колона, јас бев упорен, на среќата мора и да ѝ се помогне. И сите што упорно и верно играат треба да добијат. Ете, сега било мојот ред. Сега сум јас како избран од среќата и награден за мојата упорност. Со среќата не се знае. Јас сум благодарен и на сите други играчи, сите учествуваа во оваа моја добивка. Јас нема јавно да ја споделам среќата, но дел по дел ќе ја делам. Сакам да останам анонимен, како што ќе бидат и моите донации за сите на коишто ќе им помагам, раскажал среќниот добитник.
Оваа 28-ма Лото 7-ка е прва во Охрид. Во историјата на игри на среќа на Државна лотарија, 7-ката 12 пати беше постигната во Скопје, петпати во Битола, по двапати во Кичево и во Куманово и по еднаш во Свети Николе, Тетово, Неготино, Струмица, Кавадарци и Кочани. Првата седумка во историјата на оваа игра беше постигната на 5-ти септември 2011 година во Битола, а 27-мата 7-ка на 29-ти ноември 2022 година во Кичево, откога почна да се полни и да расте фондот за 7-ка за да го достигне досега најголемиот износ за премија од игра на среќа, во земјата. (Крај)
извор: бриф.мк
Следете не, не има насекаде