Во студија од 2015-та година објавена во списанието „JAMA“, осум од десет мажи и жени со лузни на срцевиот мускул, знак за претходен срцев удар, не знаеле дека нивното срце е загрозено.
Името за овој тип на срцеви проблеми е тивок миокарден инфаркт (ТИМ).
Една од причините зошто луѓето не го забележуваат ТИМ е затоа што не слушаат што им кажува нивното срце. Еве како да го разберете јазикот на вашето срце и да откриете дали имате проблеми со него, пишува „The Healthy“.
Брзо се заморувате при секоја физичка активност
Ако вообичаено трчате малку повеќе од две милји секој ден без проблем, но одеднаш почувствувате замор како грип, тоа може да биде знак дека вашето инаку здраво срце не пумпа доволно крв.
„Активностите кои порано ви беа лесни, а кои одеднаш станаа тешки може да бидат знак дека нешто не е во ред“, вели д-р Ерин Михос.
Доколку добриот сон не го реши вашиот замор, веднаш консултирајте се со доктор.
Имате проблеми во спалната соба
Еден од класичните знаци на проблеми со срцето е еректилната дисфункција. Анксиозноста, депресијата и стресот исто така може да ја попречат вашата способност да бидете интимни со партнерот. Сепак, вашите проблеми во спалната соба може да потекнуваат и од затнати артерии, кои го спречуваат нормалниот проток на крв во вашиот пенис.
Васкуларната еректилна дисфункција е најчестиот вид на сексуална дисфункција и често е предизвикана од два типа на болести, атеросклероза и ендотелијална дисфункција. Атеросклерозата предизвикува згрутчување и стеснување на артериите, што доведува до срцев удар и мозочен удар.
Ендотелијалната дисфункција го спречува опуштањето на крвните садови, што го намалува протокот на крв низ телото.
„Симптомите на еректилната дисфункција честопати претходат на појавата на срцеви симптоми најмалку две години“, вели д-р Михос и додава дека „откривањето на еректилната дисфункција нуди можност да се интервенира и да се запрат срцевите заболувања во повој“.
Дебелината, дијабетесот, високиот крвен притисок или холестеролот и недостатокот на редовно вежбање се исто така фактори на ризик за срцеви заболувања, затоа посетете го вашиот лекар и редовно правете прегледи за да останете здрави.
Имате висок крвен притисок
Здравото срце започнува со нормален крвен притисок. Дијагнозата на висок крвен притисок може да го зголеми ризикот од срцев удар, мозочен удар или срцеви заболувања. Ако не ги намалите овие вредности, може да ги оштетите артериите и да предизвикате таложење на наслаги на ѕидовите на артериите, што полека го блокира протокот на крв. Кога вашата крв е постојано под притисок, оваа состојба го принудува вашето срце и крвните садови да работат понапорно и помалку ефикасно.
Имате ненадејна и постојана кашлица
Иако честа кашлица може да биде само знак за обична настинка, таа може да биде и еден од знаците за проблеми со срцето.
Течноста почнува да се таложи во белите дробови кога срцето не ја пумпа крвта правилно, што предизвикува затнување на крвните садови и истекување на течности на необични места како што се белите дробови. Нездравото срце може да биде виновно и за хронична опструктивна белодробна болест.
Хрчите или имате проблеми со дишењето за време на спиењето
Апнеата често предизвикува ‘рчење и прекини во дишењето за време на спиењето. Оваа состојба за време на спиењето е поврзана со поголем ризик од срцев удар или атријална фибрилација, еден вид нарушување на срцевиот ритам.
Луѓето со апнеја често се склони кон висок крвен притисок, уште еден знак за нездраво срце.
Неодамнешно губење на влакна на нозете
Нозете без влакна може да укажуваат на тоа дека вашите нозе не добиваат доволно кислород поради стеснетите артерии, што го намалува протокот на крв. Без снабдување со крв со хранливи материи, фоликулите на вашата коса не можат да растат.
Стапалата и нозете ви се отечени
Ако забележите дека имате проблем со облекувањето чевли или дека чорапите ви се малку тесни, ова може да биде еден од знаците дека вашето срце не е здраво.
Ако забележите оток на невообичаени места, обидете се да извршите притисок врз кожата. Ако на кожата остане вдлабнатина, тоа значи дека ткивата ви се полни со вишок течност и треба да посетите лекар.
Имате болки во вратот или вилицата
Повеќето луѓе претпоставуваат дека болката во градите е првиот знак за проблеми со срцето, но реалноста е дека срцевите симптоми може да се појават и во други делови од телото.
Во споредба со мажите, жените имаат поголема веројатност да имаат атипични симптоми кои често доведуваат до тоа нивната болка во срцето да остане непрепознаена и нетретирана.
Следете не, не има насекаде