ноември 9, 2024

Ракот на дебелото црево кај луѓето помлади од 50 години бележи зголемување на стапката на инциденца, толку многу што оваа болест сега е водечка причина за смрт од рак кај мажите на возраст под 50 години и втор најсмртоносен рак кај жените на возраст под 50 години. Според извештајот на Американското здружение за рак за 2024 година, овие податоци, кои се однесуваат на САД и не се разликуваат многу од другите земји во светот, ги навеле експертите да пристапат кон поефективни скрининг-прегледи на помладите пациенти.

 

 

 

 

Превентивните прегледи за рак на дебелото црево се неопходни и пред 45-тата година од животот

 

Гастроентеролози, експерти од Американското здружение за рак, ги сметаат бројките за алармантни. Од 1995 година има 45 отсто зголемување на дијагнозите на колоректален карцином кај луѓето на возраст под 50 години, а зголемувањето на бројот на случаи е толку драматично што во 2022 година препорачаната возраст за прв скрининг била намалена од 50 на 45 години. И како што наведуваат експертите, дури и тој потег можеби нема да има доволно влијание.

 

Стручната јавност се обидува да открие зошто има зголемување на случаите од ваков вид карцином кај младите.

 

– Начинот на живот и факторите на животната средина, како што се хемикалиите во храната и во воздухот, се смета дека играат значајна улога. Студиите покажаа дека дебелината, употребата на алкохол, употребата на тутун, физичката неактивност, па дури и факторите во раниот живот, на пример, дали некој бил доен или не како бебе, дали примал многу антибиотици, се релевантни – објаснува д-р Фоласад Меј, гастроентеролог во „УКЛА Хелт“ во Лос Анџелес, според кој некои ризик-фактори, како што се вишокот килограми, внесот на алкохол, пушењето, вежбањето… може да се контролираат.

 

Ракот на дебелото црево може да се препознае и по некои необични симптоми

Освен вообичаените симптоми:

-Крв во столицата или ректално крвавење;

-Промени во навиките на дебелото црево, вклучувајќи хронична дијареја или ретка столица, столица тенка како молив и тежок запек;

-Постојана болка во стомакот, непријатност или надуеност;

-Ненамерно губење на тежината, промени во апетитот или ситост – чувство на ситост по многу малку храна;

-Замор и слабост…

 

има и други, помалку познати и поретки знаци на рак на дебелото црево кои сепак можат да помогнат во раното откривање и дијагностицирање на овој рак:

 

Тенезмус: ова е чувство на итна потреба за празнење. Тоа може да се случи дури и ако лицето штотуку користело тоалет или ако дебелото црево е празно.

Пролапс или испакнување: ректалниот пролапс се јавува кога последниот дел од дебелото црево ќе се лизне од своето место и излегува низ анусот.

Општа ректална болка или непријатност: овие сензации може да бидат и симптоми на рак на дебелото црево.

Анемија: нискиот хемоглобин во крвта може да биде резултат на гастроинтестинално крвавење предизвикано од рак на дебелото црево.

Необјаснета треска и ноќно потење.

 

30 проценти од дијагнозите на колоректален карцином кај луѓе под 50-годишна возраст се поврзани со семејна историја или генетска мутација.

 

Експертите велат дека постои еден сигурен начин да се намалат шансите млад човек да стане жртва на колоректален карцином. Ова првенствено се однесува на скринингот за рак на дебелото црево или превентивен скрининг, кој може да вклучува тестови врз основа на примероци од столицата или поинвазивна сигмоидоскопија, или пак колоноскопија. Лекарите апелираат дека скринингот е особено важен.

 

– Речиси 30 проценти од дијагнозите на колоректален карцином кај луѓе помлади од 50 години се поврзани со семејна историја или генетска мутација. Луѓето чии родители, брат или сестра имале рак на дебелото црево, треба да започнат со скрининг околу 40-тата година или порано. За жал, многу млади луѓе не ја користат предноста од технологијата за скринингот што спасува животи – вели д-р Меј.

 

Најважно е да не се игнорираат симптомите на колоректалниот карцином. Трагичен факт што се среќава во практиката е дека многу помлади пациенти, кои умираат од колоректален карцином, имаат симптоми една или две години пред конечно да закажат преглед, додава тој.

Следете не, не има насекаде

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Generated by Feedzy
mk_MK
mk_MK