Следниот пат кога ќе барате нешто на Google, обрнете внимание на резултатите пред да кликнете. И не кликнувајте веднаш на првиот резултат што ќе се појави.

Пребарувањето на Интернет носи со себе одреден ризик. Иако повеќето од резултатите што можете да ги најдете во пребарувачот се легитимни и нема да ви наштетат на вас или на вашиот компјутер, повремено има страници кои не се толку невини и чија единствена цел е да ве искористат.

Компанијата за сајбер безбедност Sophos штотуку објави предупредување со кое ги предупредува корисниците на интернет за шест навидум безопасни зборови кои би можеле скапо да ги чинат.

Како што напишаа на нивната веб-страница, со анализа на интернет сообраќајот на Google, експертите на Sophos открија дека пишувањето на зборовите „Are Bengal Cats legal in Australia?“, односно „Дали бенгалските мачки се легални во Австралија?“, во голема мера го зголемува ризикот од кражба на лични податоци.

Имено, со впишување на тие зборови во пребарувачот се појавуваат резултати, меѓу кои има доста – лажни.

Жртвите често се охрабруваат да кликнат на малициозни реклами или линкови кои се рекламираат како легитимни страници, или во овој случај како легитимни резултати од пребарувањето на Google, предупредуваат тие.

Интересно е што злонамерната страница моментално се појавува само ако во прелистувачот е впишан зборот „Австралија“, што покажува дека корисниците од таа земја се изложени на најголем ризик.

Како што истакнува Sophos, кога корисникот ќе кликне на лажни резултати, на неговиот компјутер се инсталира злонамерната програма Gootloader, која го блокира пристапот до компјутерот и во исто време ги краде личните податоци на сопственикот на компјутерот (како што се податоците за интернет банкарството, картички, итн.).

Иако се шпекулира дека хакерите се насочени кон одредена група на луѓе, истражувачите од Sophos предупредуваат дека ова покажува колку е ризично да се клика безумно на линкови кои се појавуваат како резултати од пребарувањето на Google.

Таквата хакерска техника инаку се нарекува „SEO poisoning“, бидејќи хакерите манипулираат со резултатите од пребарувачот, така што страниците што ги контролираат доаѓаат на врвот на резултатите од пребарувањето.

Затоа, следниот пат кога ќе пребарувате нешто на Google, обрнете внимание на резултатите пред да кликнете на нив. И не кликнувајте веднаш на првиот резултат што ќе се појави.