декември 28, 2024

Поради институционалниот ќорсокак на локалната самоуправа, Град Скопје и Секторот за внатрешни работи (СВР), крстосницата на булеварот „Васко Карангелевски“ и улицата „Коста Новаковиќ“ во општина Аеродром е без вертикална сообраќајна сигнализација и претставува опасност за сите учесници во сообраќајот, особено загрозувајќи ја безбедноста на 1.400 ученици од ООУ „Љубен Лапе“ кои секојдневно ја поминуваат. 

Од Општина Аеродром, на чија територија се наоѓа оваа крстосница, во разговор за МИА велат дека булеварот „Васко Карангелевски“ е примарна сообраќајна мрежа и надлежноста за регулирање на сообраќајот е комплетно во рамки на Град Скопје.

– Во зависност од видот на сообраќајницата, надлежностите се поделени помеѓу општините во градот Скопје и Град Скопје. За конкретната ситуација, од причина што станува збор за булеварот „Васко Карангелевски“ кој е примарна сообраќајна мрежа, надлежноста за регулирање на сообраќајот е комплетно во рамки на Град Скопје, вели во изјава за МИА градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески.

За да бидат поставени семафори на крстосницата, вели Митески, потребно е Град Скопје најпрво да изготви сообраќаен проект во кој ќе предвиди вертикална сообраќајна сигнализација, а потоа да го достави до Министерството за внатрешни работи. Според Митески, од Град Скопје до Секторот за внатрешни работи биле доставени само две барања, односно за бројот на возила кои што поминуваат и сообраќајните незгоди кои што се имаат случено на крстосницата.

– Во постојана комуникација сум со СВР Скопје. Согласно информациите кои што ги добив од таму, од Град Скопје се доставени две барања – едно е за бројот на возила што проаѓаат на конкретната крстосница и второто барање е во однос на сообраќајните незгоди кои што се случиле на конкретната крстосница. Двете барања се одговорени во најкраток рок и се доставени до Град Скопје, вели Митески. 

Додава дека доколку има потреба ќе посредува меѓу Град Скопје и СВР Скопје со цел да се изнајде решение за конкретниот проблем поради што родители на учениците од училиштето „Љубен Лапе“ протестираа.

– Согласно информациите од СВР Скопје, од Град Скопје за одобрување на сообраќаен проект не е доставено до СВР Скопје. Доколку Град Скопје достави барање, јас стојам на располагање да посредувам помеѓу Град Скопје и СВР, со цел побрзо изнаоѓање на решение на конкретниот проблем. Град Скопје е затворен за нас како општини. За жал, морам да кажам дека и за ваква важна неполитичка тема, ние немаме комуникација со Град Скопје, нагласува Митески. 

Доколку нема брза реакција од страна на Град Скопје, градоначалникот не ја исклучува можноста за повторување на протестите на родителите на учениците од ООУ „Љубен Лапе“.

– Ќе се обидеме да направиме институционален притисок, меѓутоа и граѓански притисок. Јас сум во постојана комуникација со Советот на родители и со раководството на Основото училиште „Љупен Лапе“ и доколку нема брза реакција од страна на Град Скопје, можно е да се повторат протестите со повторни блокади, за што морам да кажам дека родителите ќе добијат целосна поддршка од мене, имајќи предвид дека станува збор за безбедност на дечиња. Дневно крстосницата ја проаѓаат 1.400 деца, односно толку деца учат во ОУ „Љубен Лапе“ и мислам дека институциите треба малку посериозно да пристапат кон овој проблем, вели Митески.

На официјалната веб страница на Град Скопје стои дека под Секторот за сообраќај има Одделение за техничко регулирање на сообраќајот кое под своја надлежност има „подготвување решенија, мислења и согласности за сообраќајни планови, елаборати и проекти“. Во неколку наврати, МИА се обиде да оствари контакт со надлежните на Град Скопје, но не доби одговор.

За процесот на донесување на сообраќајни решенија коишто се под локална самоуправа, професорката од Техничкиот факултет од Битола, Верица Данчевска во разговор за МИА појаснува дека проектантот кој го проектирал сообраќајното решение треба да го достави до Секторот за сообраќај при локалната самоуправа од каде треба да добие решение, за потоа локалната самоуправа да го препрати до МВР, од каде пак треба да добијат согласност за проектот.

Доколку МВР не даде согласност за проектот, вели Данчевска, тој се враќа до локалната самоуправа.

Професорката посочува дека одредени делници од патната мрежа во земјава веќе подолг временски период претставуваат потенцијално опасни места за животот на учесниците во сообраќајот.

– За зголемена безбедност на сообраќајот на патиштата детерминирани се местата – точките каде има одреден недостиг при проектирањето на делниците, односно треба да се  потсетуваат возачите кои се „црните точки“ каде најчесто се случуваат сообраќајни незгоди и каде најмногу треба да се внимава, вели Данчевска за МИА.

Како се променуваат градоначалниците, така носат различни сообраќајни решенија во општините

Данчевска вели за решавање на овој децениски проблем потребен е системски и стратешки пристап во носењето на сообраќајни решенија, што значи инволвираност на сите засегнати страни во носењето на сообраќајно решение. 

– Стратегискиот пристап опфаќа почитување на насоките и стратегиите кои се донесени на национално или на локално ниво. Тоа значи, почитување на насоките на стратешките документи како што се Просторниот план на РСМ, Генералните урбанистички планови на општините, Деталните урбанистички планови, Националната стратегија за транспорт до 2030 година, како и други планови и стратегии кои ја тангираат оваа проблематика, вели Данчевска.

Посочува дека кандидатите за градоначалници треба во своите програми да вградуваат цели, мерки и активности на сообраќајната политика кои се дел од стратегиските документи, кои, исто така, ќе бидат важечки во планираниот период. За крај на мандатот, вели Данчевска, градоначалниците треба да имаат добар процент на реализација на предложените проекти за повторно да побараат доверба од граѓаните или пак да бидат запаметени како добри градоначалници.

Властите и граѓаните, додава, заеднички одлучуваат какво место сакаат да биде во иднина нивниот град, како и на кој начин ќе одговорат на притисокот од зголемениот број на моторни возила.

Данчевска посочува дека безбедноста во сообраќајот, намалувањето на ризиците и намалувањето на бројот на жртви од сообраќајни незгоди е клучен предуслов за раст, развој и економски напредок на општеството. Едно од клучните прашања што влијае на квалитетот на животната средина, вели, е моторниот сообраќај, бидејќи густиот моторен сообраќај значи лош квалитет на воздух, неприфатливо ниво на бучава и големи застои во сообраќајот во урбаните средини.

Во зависност од тоа кој стопанисува со сообраќајната инфраструктура, професорката појаснува дека се разликуваат Објекти на сообраќајна инфраструктура од национално значење – автопати, магистрални патишта, делници од железнички пруги и сл. за кои одлуки донесува Министерството за транспорт и врски, и Објекти на сообраќајната инфраструктура од локално значење под ингеренции на локалната власт и на Град Скопје. 

Како посебен проблем, Данчевска ја посочи безбедноста на пешаците, затоа што, вели, тие спаѓаат во загрозени учесници во сообраќајот, посебно малите деца и повозрасните лица. 

– Безбедноста на пешаците е посебен проблем на проучување, затоа што спаѓаат во загрозени групи – учесници во сообраќајот, посебно малите деца и повозрасните лица. Безбедноста на пешаците ќе се зголеми со почитување на сообраќајните правила и прописи, и тоа од страна на возачите кои треба да ги почитуваат пешаците како „рамноправни“ учесници во сообраќајот и да ги пропуштаат посебно на пешачките премини кои се обележани места за дозволено преминување на коловозот, вели професорката.

Во категоријата потенцијално опасни „црни точки“, Данчевска ги издвојува следниве делници – клучката кај Хиподром, клучката Илинден, потегот од наплатната станица Петровец до клучката Кадино, мостот кај Катланово, делницата Демир Капија – Удово, потоа делницата Штип – Радовиш (место викано „8-ми километар“ и место викано „Пилафтепе“).

Во правец од Скопје кон Охрид, како посебно опасни места се издвојуваат патниот правец Желино-Тетово, потегот од наплатната станица Тетово Југ до наплатната станица Гостивар, кај село Зајас (Гостивар – Кичево), село Мешеишта, (Кичево – Охрид), мостот на реката Сатеска село Ботун (Кичево – Охрид), клучката за влез во Охрид кај село Подмоље на делницата Охрид – Струга.

На патот Охрид – Свети Наум најопасни се деловите кај Свети Стефан, односно кај хотелот „Гранит“, раскрсницата на влезот кон комплексот „Инекс Горица“, населбата Рача и селото Пештани. 

Како посебно опасни места, се издвојуваат и регионалниот пат Кичево – Демир Хисар (местата Чакор,Прибилечки Кривини, Зли Дол), регионалниот пат Дебар – Струга, а најкритично е кај селото Велешта и кај село Враништа, како и регионалниот пат Прилеп – Крушево кај местото Смилевски Трла.

The post Собраќајното решение за крстосницата на булеварот „Васко Карангелевски“ заглавено во лавиринтите на институциите appeared first on 24info.mk.

Следете не, не има насекаде

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

mk_MK
mk_MK