декември 24, 2024

Сепак, не е топла ниту цела Европа, пониски температури и снег се предвидуваат во делови од Скандинавија

Температурите за јануари достигнаа највисоки нивоа на сите времиња во голем број земји низ Европа, додека Северна Америка се справува со бури и зимско замрзнување кое остави 60 мртви. Топлото време во Европа ги погоди и скијачките центри кои се борат со недостаток на снег, јавува Би-Би-Си.

Во Варшава оваа недела се измерени 18,9°C, а во Шпанија, Билбао, температурата била 25,1°C, што е за 10 степени над просекот. Температурите во Холандија, Лихтенштајн, Литванија, Летонија, Чешка, Полска, Данска и Белорусија ги соборија националните рекорди, додека рекордите на станиците беа срушени во Германија, Франција и Украина.

Невообичаено топлото европско време е сосема спротивно од ситуацијата во Америка каде се очекуваат обилни врнежи од снег, замрзнат дожд, грмотевици и торнада. Температурата во Варшава на 1 јануари била за 4ºC повисока од претходниот рекорд за тој месец, а во Шпанија новогодишната температура во Билбао била еднаква на јулскиот просек.

Рекордите се рушат постојано, но невообичаено е разликата да биде поголема од неколку десетици степени. Сепак, не е топла ниту цела Европа, пониски температури и снег се предвидуваат во делови од Скандинавија. Москва, исто така, се очекува да падне на -20 степени целзиусови до викендот, а само неколку дена претходно Велика Британија, Ирска, Франција и Шпанија ја прогласија 2022 година за најтоплата година досега.

Во Британија, секој месец освен декември беше потопол од просекот. Во декември во поголем дел од земјава падна снег, но сега условите се поблаги и повлажни. Топлотните бранови станаа почести, поинтензивни и траат подолго поради климатските промени предизвикани од човекот.

СКИ СЕЗОНА

Во Швајцарија температурите достигнаа 20°C и топлото време ги погоди скијачките центри низ Алпите, што резултираше со недостиг од снег. Многумина се прашуваа дали ќе се одржи Светскиот куп во скијање, со оглед на тоа што вообичаените снежни патеки беа покриени со нечистотија и трева. Дури и на надморска височина од 2000 метри температурата била над нулата.

На крајот, познатата патека Chuenisbärgli доби дозвола за користење. Потребна беше помош од армија снежни топови, како и благиот пад на температурата на врвот на патеката. Кога најдобрите светски машки скијачи ќе се тркаат до целта, тоа ќе биде на вештачки снег.

Невообичаено топлото и влажно време го попречи почетокот на скијачката сезона. Некои швајцарски одморалишта ги отворија своите летни велосипедски патеки, додека други ги затворија своите жичарници до понатамошно известување. Во Шамони, Франција, снежните топови не работат бидејќи има недостиг од вода за да ги напојува.

Скијачи во Италија

Експертите за клима објаснуваат дека ваквото време не треба да не изненадува бидејќи глобалното затоплување ќе предизвика потопли и повлажни зими. Со намалувањето на алпските глечери се зголеми брзината со која скијачките центри стануваат неодржливи. Пред неколку години, швајцарските скијачки центри беа предупредени дека скијањето под 1.000 метри надморска височина ќе стане невозможно.

Навистина е премногу влажно, како во пролет. За скијање, снегот мора да се држи заедно, едноставно има премногу вода во ова, рече Хахер Бернет, директор на швајцарското одморалиште Сплуген, кое е на надморска височина од 1.500 метри и треба да биде безбедно за скијање.

Највисоките скијачки центри засега остануваат отворени, но со помош на снежните топови кои трошат огромни количества вода. Една нова студија од Универзитетот во Базел предупредува дека скијачките центри ќе мора се повеќе да се потпираат на вештачки снег за да преживеат, зголемувајќи ја потрошувачката на вода до 80%. Ова може да предизвика конфликт меѓу индустријата за зимски спортови и локалните заедници, чија енергија доаѓа од хидроцентралите.

Студијата предвидува и големо зголемување на цената на скијањето, бидејќи одморалиштата се префрлаат на сè поскапи и вештачки начини за одржување на патеките. Се стравува дека до крајот на векот скијањето, доколку постои како спорт, ќе биде ограничено на многу богатите. По две години намален приход поради пандемијата, зимските одморалишта сметаа на враќање во нормала.

Во февруари и март, училиштата во Европа доаѓаат на Алпите за скијачката недела, а десетици илјади семејства исто така ќе се упатат кон планините во очекување на скијање.

Следете не, не има насекаде

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

mk_MK
mk_MK