Советничката група на СДСМ и коалицијата во Советот на Градот Скопје денеска ќе поднесе иницијатива за одржување вонредна седница на градскиот Совет посветена на состојбата со загадувањето на воздухот во главниот град.
Членот на градскиот Совет од редовите на СДСМ, Гордан Шутаров во изјава за медиумите истакна дека иницијативата со советнички потписи е подржана и од политичките партии ЛДП и ДОМ.
– Ги повикуваме сите советници, посебно советниците на ВМРО-ДПМНЕ како најбројна советничка група, да дадат поддршка на оваа иницијатива во интерес на скопјани, рече Шутаров.
Тој додаде дека од претседателот на Советот, Трајко Славески, бараат што побрзо да ја закаже седницата имајќи ја предвид итноста на ситуацијата.
Шутаров рече дека Советничката група на СДСМ и коалицијата доставува дополнителни предлог мерки кои ќе влијаат на намалување на загадувањето, како што се итно зголемување на автобуските линии во јавниот превоз, воведување бесплатен превоз за сите граѓани во Скопје, итна пренамена на пари во Буџетот за борба против аерозагадувањето, финансиска помош за училиштата за адаптирање на системот за затоплување на еколошки енергенси, подготвување на акциски план за чистење на сите депонии во градот, чистење и миење на улиците со цистерни и безусловно и интензивно постапување на инспекторите во вршењето на нивната службена должност.
– Ова не е време за политики, туку е време за делување. Мерките против загадувањето на воздухот се од значење за сите граѓани на Градот Скопје, посочи Шутаров.
На новинарското прашање кога овие препораки би биле претворени во правила, затоа што препораките не се обврзувачки, Шутаров одговори дека ако претседателот на Советот закаже вонредна седница и ако има согласност од страна на советниците на истата седница треба да бидат донесени овие предлог мерки и да се преточат во одлуки, кои можат да се префрлат во формално правни акти и на некој начин би биле задолжителни за постапување од страна на Градот Скопје.
На прашањето дали има интерес за пријавување на огласот за приватните автобуски превозници кој завршува денеска, Шутаров рече дека немаат никаква информација за состојбите во јавниот превоз, иако поденеле барање уште од минатата година.
The post Советничката група на СДСМ бара вонредна седница на градскиот Совет за аерозагадувањето во Скопје appeared first on 24 Инфо.
Следете не, не има насекаде