декември 27, 2024
Воената агресија против Украина продолжува да го покажува својот грд лик. Мирот е разрушен. Луѓето продолжуваат да умираат и да страдаат. Нашата меѓусебна доверба е длабоко поткопана. Сепак, уверен сум дека нашите надежи за подобра иднина за нашата Организација, земјите кои ги претставуваме и луѓето на кои им служиме остануваат високи. Се работи за нив, се работи за луѓето. Ова е нашето мото и силата која нѐ води за годината што претстои.

Ова го истакна министерот за надворешни работи Бујар Османи, кој денека пред Постојаниот совет на ОБСЕ во Виена ја презентираше програмата на нашето претседавање со организацијата за 2023 година. Упатувајќи честитки за полското претседавање претходната година, нагласи дека ОБСЕ треба да даде резултати во тешки времиња, и има обврска и капацитет да ги заштити интересите на луѓето. Но, прашањето кое се поставува, вели, е „дали имаме силна и недвосмислена политичка волја за надминување на предизвиците заради мирот, стабилноста и благосостојбата?“.

-Одговорот на ова прашање треба заеднички да дојде од сите 57 држави учеснички и не може сама нималку да го даде ниту една држава учесничка во текот на својот мандат на кормилото на оваа организација. Нашиот план во 2023 година е повторно да го заживееме овој дух. И покрај сите тешкотии, нашата Организација го докажа својот потенцијал. Мора да му дадеме дополнителна поддршка на ОБСЕ за да одговори на својата задача. Тоа подразбира брзо усвојување на единствениот буџет на организацијата. Начелата и заложбите не треба да останат само флоскули, нагласи Османи.

Во пресрет на 50-годишнината од усвојувањето на Хелсиншкиот документ, посочи Османи, историјата ќе нѐ памети по делата, а не по нашите ветувања, размислувања и изјави, и затоа вели, мора да ги преточиме зборовите во дела за да ја обезбедиме функционалноста на ОБСЕ.

-Украина ќе остане наш главен приоритет. Агресијата мора да престане. Убивањето и опустушувањето на цивилно население се неприфатливи. Вознемирува да се види како луѓето страдаат. Последиците и цената од оваа војна за регионот на ОБСЕ и пошироко се жалосни и неподносливи, подвлече шефот на дипломатијата.

Тој посочи дека постојат и други кризни подрачја во регионот на ОБСЕ, а регионалната нестабилност и потенцијалот за нови конфликти ќе бараат наше непрекинато внимание. Организацијата, треба да биде способна да им обезбеди поддршка на ранливите региони и да остане флексибилна во справувањето со предизвиците.

Програмата на претседавањето претстојнава година, рече Османи ќе се фокусира на: обезбедување поддршка за една функционална и флексибилна ОБСЕ, нудејќи разновиден комплет алатки кои би помогнале за обновување на мирот и безбедноста, спречување на конфликти и промовирање на соработка низ регионот на ОБСЕ, потоа на промовирање на човековата безбедност преку обезбедување поддршка за одржлив економски раст и еколошка соработка и овозможување почитување на основните човекови права и промоцијата на толеранцијата и недискриминацијата како предуслови за сеопфатна безбедност.

-ОБСЕ има докажани резултати од своето делување во различни региони. Овде зборувам за искуството на нашата земја. Како земја домаќин на теренска мисија на ОБСЕ, нашата земја може од прва рака да сведочи за придобивките од теренското присуство на ОБСЕ. Уверен сум дека и другите земји домаќини на теренски мисии на ОБСЕ го делат ваквото мислење. Затоа, не треба да чуди податокот дека приоритетот на нашето претседателство со организацијата е ставање фокус на луѓето, рече Османи.

Северна Македонија, рече Османи, ќе ја засили работата на ОБСЕ на терен, ќе вложи напори да ја подобри координацијата и заедничкото носителство на активностите како предуслов за позитивни промени.

-Денес, повеќе од кога било постои потреба од нашата Организација. Ги поддржувам ставовите кои ги искажавте во Лоѓ и се придружувам на вашите повици за поддршка на ОБСЕ и вредностите на Организацијата. Таквиот поттик ќе ни помогне да ја предводиме оваа организација во текот на претстојнава година. На тој пат, сметаме на поддршката од државите учеснички и пошироката структура на ОБСЕ во која се вбројуваат Секретаријатот на ОБСЕ, теренските мисии на ОБСЕ, самостојните институции, Парламентарното собрание на ОБСЕ и специјалните претставници кои работат на важни проблематики, нагласи шефот на дипломатијата.

Тој при тоа пред Постојаниот совет го претстви планот на нашето претседавање за воведување на позиција Специјален претставник на Претседавачот за граѓанско општество, како доказ за нашата посветеност да одговориме на потребите на луѓето. Воедно, информира за намерата да ја покани Финска да се приклучи на форматот Тројка на ОБСЕ сè додека не се изнајде решение за идната држава претседавач со ОБСЕ во 2024 година.

-Северна Македонија е подготвена да го преземе својот дел од одговорноста, имајќи предвид дека за нашата земја претставува привилегија да претседава со оваа Организација. На овој пат, нашите успеси и неуспеси ќе бидат и ваши. Тешките времиња во кои живееме бараат мудрост, одговорност за нашите постапки и посветеност на начелата од Хелсиншкиот завршен документ. Тие се нашиот светилник на надежта, но и сигнален оган дека за овие начела не се преговара. Тие ќе бидат нашиот Кодекс на вредности и однесување. Конечно, ќе ја завршам мојата изјава како и што ја почнав, а тоа е со уште еден цитат на Мајка Тереза: „Се плашиме од иднината затоа што ја трошиме денешницата“. Да не се плашиме од иднината и да ја трошиме денешницата, туку да работиме за подобра утрешнина, за иднината на нашата Организација, за иднината на луѓето, порача во своето обраќање шефот на дипломатијата Османи.

Следете не, не има насекаде

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

mk_MK
mk_MK