Дамките од крв пред семејната куќа на 31-годишната Росица Коцева и нејзиниот 74-годишен татко Киро Коцев во Велес сведочат за хоророт што се случи вечерта на 10 септември. Нивниот живот згасна во семејниот дом, каде што поранешното момче на Росица – 39-годишниот Илија Стефановски од Скопје, со остар предмет ги усмрти, а потоа си го одзеде животот.


Принскрин канал5
Росица уште во февруари и март го пријавувала поранешниот партнер за физичко насилство, закани и малтретирање. Судскиот процес завршил само пет дена пред свирепото убиство, со условна казна за напаѓачот.
Обвинителството Велес наредило психијатриско вештачење, но вештото лице утврдило дека Стефановски бил свесен и пресметлив во моментите на насилствата, без патолошка опсесивност или психичка болест.
Росица три години живеела во вонбрачна заедница со него, но во октомври лани ја прекинала врската. Тој не го прифатил раскинувањето и постојано се обидувал да ја врати.
Во март го пријавила и дека во декември 2024 ја држел заклучена во стан во Скопје, каде што ја повредил. За тој случај била повикана да даде изјава во Скопското обвинителство дури на 9 септември, само еден ден пред убиството. Според записникот, тогаш ѝ се заканил со зборовите: „Или ќе бидеш моја, или ќе бидеш мртва.“
Стефановски во мај го запалил автомобилот на таткото на Росица и продолжувал да ја вознемирува, и покрај изречените мерки за заштита од семејно насилство.
Жителите на Велес се потресени од злосторството, велејќи дека трагичниот исход можел да се спречи.
На својот фејсбук-профил во јануари, по смртта на младата Фросина прегазена на „Партизанска“, Росица напишала:
„Овде не може ништо да се смени. Корупцијата секогаш ќе биде погласна од сите нас, затоа што оваа држава е резултат на ‘секој има цена’, а не на морал. Секој ден, потажна слика.“

