Вчера се навршија шест месеци од пожарот во таканаречениот клуб Пулс во Кочани, каде животот го загубија 62 млади лица, помеѓу кои и шест малолетници, а околу 200 се здобија со тешки повреди.
Според последните официјални информации околу состојбата на повредените, кои датираат од пред две недели, на болничко лекување останувале тројца пациенти, и тоа еден во Истанбул, а двајца во земјава.
Како што информираше директорот на Фондот за здравство, Сашо Клековски кон крајот на август, состојбата на хоспитализираните е критична, но не била живото-загрозувачка. Голем број од останатите повредени пациенти, се уште оделе на редовни болнички третмани, а на 18 од нив во иднина им претстоеле реконструктивни интервенции.
Помеѓу хоспитализираните се наоѓа и Владимир Блажев – Панчо од дуото ДНК. За него јавноста нема достапни податоци, и го знае само она кое негови колеги досега го изјавиле во медиумите, а тоа е дека бил хоспитализиран во приватна болница, а кај себе немал мобилен телефон. Оние кои се слушнале со него, тоа го направиле преку мобилниот на неговата сопруга.
Пред три дена пак, во интервју за ВИКИМЕДИА, неговата колешка Андријана Јаневска откри дека нема контакт со него, бидејќи се уште бил во болница. Му посака многу сила и брзо закрепнување, и истакна дека Македонија многу изгуби.
Андреј Ѓорѓевски од дуото пак, го изгуби животот во трагедијата, кога неколкупати се враќал во запалените простории, за да помогне при изнесување на посетителите надвор. Тој зад себе ја остави малолетната ќерка, сопругата и мајка му.
Уште седум лица кои беа дел од тимот на ДНК ги изгубија животите.
Обвинителството поднесе обвинение за тешки дела против општата сигурност против 34 физички и три правни лица за катастрофалниот пожар во трагедијата во Пулс во Кочани, а потоа од обвинителството соопштија дека за Панчо од ДНК има прекин на истрагата додека е на лекување.
Vikimedia.mk

