Политичките тензии на албанската сцена во земјава дополнително се заоструваат откако коалицијата ВЛЕН излезе со остри обвинувања кон ДУИ, тврдејќи дека партијата се соочува со сериозна внатрешна криза и долгогодишни манипулации.
Во своето јавно соопштение, ВЛЕН оценува дека ДУИ, и покрај тоа што повеќе од две децении беше дел од власта – и со СДСМ и со ВМРО-ДПМНЕ – не успеала да испорача суштински резултати за Албанците. Наместо тоа, според нив, зад политичката реторика стоеле недоволни и половични решенија кои, како што велат, служеле како покритие за лично богатење на функционери.
Особено остри се критиките кон наративот дека европскиот пат и почитувањето на Охридскиот договор зависат од присуството на ДУИ во власта. Од ВЛЕН сметаат дека ваквите тврдења се обид за одржување на политичка релевантност и влијание.
Дополнително, во соопштението се изнесуваат и сериозни обвинувања за внатрепартиски притисоци, при што се наведува дека поранешниот функционер Артан Груби, опишан како „црна кутија“, наводно поседува информации кои можат да влијаат врз најмалку пет актуелни партиски функционери.
ВЛЕН оценува дека граѓаните веќе ја казниле ваквата политика на локалните избори, но додаваат дека, според нив, пораката сè уште не е целосно разбрана од страна на раководството на ДУИ.
Од коалицијата порачуваат дека нивниот пристап е различен и дека, како што велат, нудат нов модел за решавање на прашањата од интерес за Албанците, базиран на конкретни политики и реални резултати.
The post ВЛЕН со нов удар кон ДУИ: „Груби знае сè“ – обвинувања за внатрепартиски притисоци и 20 години неуспеси appeared first on info.mk.
Следете не, не има насекаде
