Овој домашен десерт со тиква е вистинско уживање – мирисен, сочен и полн со природна сладост. Најдоброто од сè е што нема строги мерки – сè се прави „од око“, според вкус и желба.
Тиквата најпрво се лупи и се сече на подебели кришки, по можност рамни за подобро редење. Јаболката се лупат и се сечат на потенки парчиња. Тавата во која ќе се пече десертот лесно се премачкува со малку масло.
Секое парче тиква се валка во пудинг во прав (најдобро од ванила), па се реди на дното од тавата. Празнините се пополнуваат со помали парчиња. Врз тиквата се редат јаболката, а потоа се додава суво грозје, суви сливи, брусница – по вкус. Се посипува со ситно сечкани или мелени ореви, па повторно се става ред јаболка и на крај се покрива со уште еден слој тиква.
Одозгора се додава по малку масло и се пече на 200 степени додека испари течноста што ја пуштаат овошјата и тиквата добие убава златна боја.
Откако ќе се извади од рерна, се прелива со малку мед и се остава целосно да се олади – клучен чекор за лесно сечење. Во меѓувреме, се мати кисела павлака со шеќер во прав, која се сервира врз секое парче, а за финален допир се посипува цимет.
Резултатот е десерт што мириса на домашна топлина и вкус што освојува на прв залак.
The post Десерт со тиква што се топи во уста – едноставен, а превкусен! appeared first on info.mk.
Следете не, не има насекаде
