Актерката Весна Петрушевска покрена нова граѓанска иницијатива преку петиција со која бара конкретни законски измени насочени кон зголемување на безбедноста на децата на интернет и поодлучен институционален одговор на врсничкото насилство.
Во објавата со која ја најави иницијативата, Петрушевска посочува дека целта е да се соберат најмалку 10.000 потписи, нагласувајќи дека станува збор исклучиво за јавна поддршка, без финансиски донации.
Иницијативата доаѓа како реакција на сè почестите случаи на врсничко насилство, особено во дигиталниот простор. Според неа, социјалните мрежи дополнително ја засилуваат агресијата кај младите, додека системот не обезбедува доволна заштита и навремена реакција.
Во текстот на петицијата се наведува дека ова е „повик за заштита на децата“, со акцент на потребата од обединување околу мерки за побезбеден интернет, како и воведување на кривична одговорност во случаи на врсничко насилство.
Петрушевска се повикува и на примери од други земји, како Австралија, Франција, Данска и делови од САД, каде веќе се разгледуваат или се применуваат построги правила за користење на социјалните мрежи од страна на малолетници.
Таа потенцира дека петицијата има за цел да испрати јасен сигнал до институциите и политичките чинители дека проблемот со онлајн насилството бара итна и сериозна реакција.
Со оваа иницијатива повторно се отвора прашањето за ефикасноста на системот за заштита на децата во дигиталниот простор и дали постојните механизми се доволни да одговорат на предизвиците што ги носи современата онлајн комуникација.
The post Весна Петрушевска со иницијатива за побезбеден интернет: Бара законски измени и 10.000 потписи за заштита на децата appeared first on info.mk.
Следете не, не има насекаде
