Полицијата во Скопје уапси 19-годишник од селото Бојане, осомничен за убиство на 18-годишно момче од истото село. Според информациите од Министерството за внатрешни работи, трагичниот настан се случил на 15 мај 2026 година во шума во близина на Сарај, а осомничениот бил приведен во раните утрински часови на 17 мај.
Како што соопштија од МВР, осомничениот М.Б. го признал делото, по што полициските службеници ги пронашле телото на жртвата и оружјето со кое, според сомнежите, било извршено убиството.
„На 17.05.2026 година во 00:50 часот во селото Бојане, полициски службеници од СВР Скопје го лишиле од слобода М.Б. (19) од Бојане, поради основано сомнение дека сторил кривично дело ‘убиство’ по член 123 од Кривичниот законик. Претходно, на бројот 192 се јавил неговиот татко И.Б., кој пријавил дека М.Б. му признал оти на 15.05.2026 година во шума во близина на Сарај, со огнено оружје го убил Б.Д. (18) од Бојане. Полициските службеници го привеле осомничениот, а биле пронајдени и телото на жртвата и оружјето со кое се сомнева дека е извршено убиството“, изјави Гоце Андреевски.
Од Основно јавно обвинителство Скопје информираат дека за осомничениот е побаран 48-часовен краткотраен притвор, додека продолжува постапката за прибирање докази. Издадена е и наредба за обдукција на телото на починатиот.
„Постои основано сомнение дека кривичното дело ‘Убиство’ според член 123 став 1 од Кривичниот законик го извршил 19-годишник од истото село, кој е лишен од слобода. Со оглед дека прибирањето на доказите е во тек, а постојат околности што укажуваат на опасност од бегство, можност за влијание врз сведоци и прикривање траги, како и ризик од повторување на делото, јавниот обвинител побара определување краткотраен притвор од 48 часа до обезбедување на сите докази и формално отворање на истрагата“, соопштија од Обвинителството.
Следете не, не има насекаде
