Според студија објавена во „Бритиш журнал оф спортс медисин“, постарите жени можат значително да го намалат ризикот од прерана смрт и срцеви заболувања дури и ако прават околу 4.000 чекори дневно – и тоа само еден или два дена во неделата.
Истражувањето опфатило 13.547 жени без срцеви заболувања и рак на почетокот на студијата, со просечна возраст од околу 72 години. Учесничките носеле уреди за мерење чекори седум последователни дена, а научниците ги следеле речиси 11 години.
Во текот на тој период, 1.765 жени починале, а кај 781 била дијагностицирана срцева болест.
Резултатите покажале дека жените кои правеле околу 4.000 чекори дневно само еден или два дена неделно имале 26 проценти помал ризик од смрт од која било причина и 27 проценти помал ризик од срцеви заболувања во споредба со оние што биле претежно неактивни.
Уште подобри резултати имале жените што го достигнувале тоа ниво на активност три дена неделно. Кај нив ризикот од прерана смрт бил намален за 40 проценти.
Научниците забележале дека и поголем број чекори – меѓу 5.000 и 7.000 дневно – носи дополнителни придобивки, но разликите веќе не биле толку драматични.
Истражувачите од Универзитетот Харвард нагласуваат дека клучно е вкупното количество движење, а не строгото секојдневно исполнување на фиксна бројка.
„Не постои ‘совршен’ модел на движење. Најважно е луѓето да бидат активни на начин што им одговара“, наведуваат авторите на студијата.
Тие сметаат дека идните препораки за физичка активност кај постарите жени треба да бидат пофлексибилни и пореални, наместо да инсистираат на секојдневни 10.000 чекори.
Интересно е што бројката од 10.000 чекори всушност не потекнува од медицински препораки, туку од јапонска маркетинг-кампања од 1960-тите години за продажба на педометар.
Во последните години сè повеќе истражувања покажуваат дека и умереното движење може значително да влијае врз здравјето, особено кај луѓето што претходно биле физички неактивни.
Експертите потенцираат дека секое движење е подобро од никакво движење – без разлика дали станува збор за пешачење, работа во градина, танцување или лесна рекреација.
„Поголем број чекори, без оглед на тоа како се распределени во текот на неделата, е поврзан со подобри здравствени резултати“, заклучуваат научниците.
The post Колку чекори дневно ни се потребни за да бидеме поздрави? appeared first on info.mk.
Следете не, не има насекаде
