Во Битола денеска се одвиваат интензивни градежни активности на улицата „Козара“, зад Здравствениот дом, каде се врши бонификација на нестабилен терен под коловозот, односно стабилизирање на постелицата пред финалните фази на реконструкцијата.
По оваа фаза, како што информираат надлежните, ќе следуваат ископи, тампонирање, поставување на рабници, изработка на сливници и конечно асфалтирање на коловозот.
Од општинските служби посочуваат дека по завршувањето на работите на улицата „Козара“, градежните активности ќе продолжат на улицата „Чеде Филиповски“, како дел од поширокиот инфраструктурен зафат во овој дел од градот.
Претходното пролонгирање на работите, како што се наведува, било резултат на обезбедување потребна документација, имајќи предвид дека улиците се наоѓаат во централното градско подрачје кое е опфатено со Деталниот урбанистички план „Централно градско подрачје 1 дел“ и претставува заштитена урбанистичка целина.
Со овој проект е предвидена целосна реконструкција на неколку улици, меѓу кои „Панде Николов“, „11-ти Март“, „Козара“, кракот од улицата „Козара“ и улицата „Чеде Филиповски“, со што се очекува значително подобрување на сообраќајната инфраструктура и условите за движење во централното градско подрачје.
The post Нови инфраструктурни зафати во Битола: Интензивно се работи на улицата „Козара“ appeared first on info.mk.
Следете не, не има насекаде
