мај 25, 2026

Летната сезона 2026 година за многумина ќе биде поинаква од претходните години, бидејќи растот на трошоците, повисоките цени на горивата и глобалните геополитички случувања веќе влијаат врз туристичкиот сектор и врз плановите за одмор на граѓаните.

Поради воените случувања на Блискиот Исток и последиците врз глобалниот транспорт и енергетскиот пазар, голем број авиокомпании веќе почнаа со корекции и откажување на одредени летови, додека цените на аранжманите за далечни туристички дестинации бележат нагорен тренд.

Во вакви услови, сè повеќе туристи бараат поевтини, но квалитетни алтернативи за летен одмор.

Хрватскиот министер за туризам и спорт Тончи Главина неодамна предупреди дека туристичката сезона би можела да биде исклучително предизвикувачка, апелирајќи туристичкиот сектор да ги намали цените за 10 до 20 проценти со цел Хрватска да остане конкурентна на туристичкиот пазар.

Во меѓувреме, како една од најинтересните дестинации за ова лето сè повеќе се издвојува Бугарија, а особено вниманието го привлекува туристичкото место Обзор на брегот на Црното Море.

Станува збор за мало крајбрежно место во регионот Бургас со нешто повеќе од 2.000 жители, кое последниве години станува сè попопуларно кај туристите поради комбинацијата од долги песочни плажи, мирна атмосфера и значително пониски цени.

Посебна атракција е плажата долга речиси осум километри, која го поседува престижното признание „Сино знаме“, сертификат кој се доделува за чистота на морето, безбедност и квалитет на туристичките услуги.

Дополнителен шарм на Обзор му дава природниот пејзаж, бидејќи зад брегот се издигнуваат планини кои создаваат впечаток на медитеранска дестинација, но со многу попристапни цени.

Според туристичките понуди, all inclusive аранжман во Обзор може да се резервира за околу 540 евра по лице, додека сличен одмор во популарни туристички места на турскиот брег, како Бодрум, може да чини и повеќе од 1.000 евра дополнително.

Покрај морето и плажите, Обзор има и богата историја. Во минатото бил познат како Хелиополис или „Градот на Сонцето“, а подоцна бил и римска населба под името Темплум Јовис.

И денес низ градот можат да се видат археолошки остатоци и траги од античкиот период, што дополнително ја збогатува туристичката понуда.

Една од предностите што посетителите особено ја истакнуваат е пространата плажа, поради која дури и во екот на туристичката сезона може лесно да се најде помирно место за одмор без големи гужви.

Покрај капење и сончање, туристите можат да прошетаат и низ стариот дел на градот, да го посетат плоштадот Слобода, да уживаат во традиционалната бугарска кујна и во бројните кафулиња, ресторани и продавници долж крајбрежното шеталиште.

За многумина кои ова лето внимателно го планираат буџетот, Обзор сè повеќе станува едно од најинтересните места каде може да се добие „летување од соништата“ по значително пониска цена.

Share

The post Раj за туристите со ограничен буџет: Луксузен all inclusive одмор за само 540 евра appeared first on info.mk.

Следете не, не има насекаде

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

mk_MK
mk_MK