26 мај 2026, Скопје – Обезбедување оддржливи и стабилни јавни финансии на среден и долг рок, спроведување постепена и одговорна фискална консолидација преку намалување на буџетскиот дефицит, зачувување на макроекономската и финансиската стабилност во услови на енергетска и ценовна нестабилност, како и создавање услови за одржлив економски раст и зголемување на економската отпорност на идни кризи. Ова се главните цели на фискалната политика поставени во Фискалната стратегија за период 2027-2031 година којашто е подготвена од Министерството за финансии и усвоена од страна на Влада. Фискалната стратегија денеска беше разгледана на пленарна седница на Собранието.
Согласно усвоената Фискална стратегија во периодот 2027 – 2031 година, фискалната политика ќе биде насочена и кон создавање предуслови за нов циклус на економски раст преку реализација на висок износ на јавни капитални инвестиции, постепена фискална консолидација и подобрување на управувањето со јавните финансии. Покрај определбата за фискална консолидација и буџетски заштеди, ќе продолжи поддршката на економијата со инвестиции во инфраструктурни проекти, редизајнирање на структурата на јавните финансии преку одржување високо ниво на капитални расходи и зајакнување на транспарентноста и отчетноста. Истовремено, планирано е спроведување дисциплинирана фискална политика која всушност ќе значи намалување на несуштинските расходи со цел јавните средства да се користат поефикасно и поцелисходно.
Фискалната стратегија ги содржи среднорочните насоки и цели на фискалната политика, која што ќе се темели на фискална одговорност и дисциплина преку планирање и користење јавните средства во рамки на реални и одржливи фискални можности, постепеност и предвидливост соспроведување фискална консолидација фазно, без нагли ограничувања коишто би можеле да предизвикаат економски шокови. Исто така предвидена е и социјална правичност за заштита на најранливите категории на население од негативните ефекти на кризата и фискалните прилагодувања, како и транспарентност и отчетност со јасно дефинирани мерки и механизми за следење и известување.
Заменик-министерот за финансии Николче Јанкуловски во обрзложението на документот пред Собранието истакна дека во периодот 2027 – 2031 година, даночната политика ќе се базира на намалување на сивата економија и поголема наплата на средствата во државниот буџет, преку зголемена дигитализација и воспоставување ефикасен даночен систем со цел секој праведно и на праведен начин да ги плаќа своите даночни обврски.
„Политиката на управување со јавен долг ќе биде насочена кон обезбедување на неопходните средства за финансирање на буџетскиот дефицит, за отплата на долговите што достасуваат како резултат на задолжувањата од претходните години и за проектно финансирање, без притоа да се предизвика неоправдано зголемување на долгот до ниво кое може да ја загрози стабилноста на економијата и економскиот раст на државата“, порача заменик-министерот.
Со усвоената владината фискална стратегија, а преку јасно дефинирани цели, принципи и мерки, се обезбедува балансиран пристап кон справување со тековните фискални и економски предизвици. При тоа фокусот на фискална консолидација создава солидна основа за зачувување на стабилноста и обезбедување одржлив и инклузивен економски развој. Оттука на среден рок до 2031 година предивидено е намалување на буџетскиот дефицит како процентуално учество во БДП од 3,5% во 2027, на 3% во 2027 и сведување на ниво од 2,8% во 2029 година. При тоа со утврдените проекции буџетскиот дефицит од 2028 година е целосно усогласен со европските стандарди за фискална дисциплина, што е јасен сигнал за зачувување на стабилноста и кредибилитетот на јавните финансии.
Во периодот 2027-2031 година економскиот раст се очечкува постепено да се динамизира и економската активност да забележи просечен раст од 4%. Главни двигатели се очекува да бидат реализацијата на стратешки инвестиции во инфраструктурата и енергетиката, финансиска поддршка на инвестициската активност на домашните производни компании за зголемување на иновативноста, конкурентноста и продуктивноста, реформи во деловното окружување и даночната политика, и раст на извозот, реформите во образованието и прилагодувањето на потребите на пазарот на труд, борбата против корупција, сивата економија и нелојалната конкуренција, дигитализацијата на процесите во обезбедувањето на јавните услуги за граѓаните и компаниите, се очекува позитивно да влијаат врз потенцијалот за раст. Исто така придонес кон потенцијалот за раст се очекува и од активностите за привлекување на странски директни инвестиции и проширувањето на капацитетите на постоечките. Поддршка на еконмската активност се очекува и од Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан. При тоа согласно Фискалната стратегија една од клучните претпостави за остварување на повисоки стапки на раст е нормализација на глобалното окружување, стабилизирање на инфлациските притисоци и јакнење на економската активност кај нашите главни трговски партнери.
Клучен инструмент на фискалната политика и носител на економскиот раст ќе бидат капиталните расходи со цел обезбедување долгорочни економски придобивки преку зголемување на јавниот капитал во патна и железничка инфраструктура, енергетски капацитети, водоводни и канализациони системи, дигитална и образовна/социјална инфраструктура. Исто така предвидените капитални вложувања ја зголемуваат продуктивноста и ја подобруваат конкурентноста на економијата.
Фискалната стратегија претставува систематски и среднорочен пристап кон управувањето со јавните финансии, насочен кон макроекономска стабилност, одржливост на јавниот долг и поддршка на економскиот развој. Фискалната стратегија е документ, кој се подготвува врз основа на Законот за буџети и во кој се дадени среднорочните насоки и цели на фискалната политика, основните макроекономски проекции, износите за главните категории проценети приходи и расходи, како и проекциите за буџетскиот дефицит и долгот за следните 5 години.
The post МФ: Собранието ја разгледа фискалната стратегија 2027–2031 – во фокус стабилни и одржливи јавни финансии appeared first on info.mk.
Следете не, не има насекаде
