мај 26, 2026

Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, најави почеток на голема теренска акција која ќе ги опфати сите скопски општини, со цел директен увид во проектите и непосредна комуникација со граѓаните.

Како што информираше Ѓорѓиевски, заедно со него на терен ќе бидат присутни и директорите на градските јавни претпријатија, како и претставници од секторите на Град Скопје, со цел проблемите на граѓаните да се решаваат брзо и директно на лице место.

„Започнуваме голема теренска посета во сите скопски општини. Скопје се гради со работа, со збор што се исполнува и со гласот на граѓаните. Вашиот глас, вашите потреби и вашите барања се нашата водилка во визијата за достоинствено, уредено и модерно Скопје“, порача Ѓорѓиевски преку социјалните мрежи.

Тој нагласи дека целта на посетите е граѓаните директно да ги посочат проблемите, да дадат предлози и да добијат конкретни одговори од надлежните институции.

„Ќе ги слушнеме проблемите од лице место, ќе направиме увид во проектите што се започнати, ќе разговараме за она што треба да се реализира и ќе ги решаваме работите таму каде што најмногу значат – меѓу граѓаните“, истакна скопскиот градоначалник.

Ѓорѓиевски даде и осврт на првите шест месеци од својот мандат, оценувајќи дека во тој период биле деблокирани и реализирани бројни проекти кои со години биле оставени без реализација.

„Теренот е мојата природна средина. Меѓу народот, очи во очи со граѓаните, таму каде што се гледаат реалните проблеми и каде што се носат вистинските решенија – таму се чувствувам дома. За само шест месеци успеавме да откочиме, започнеме и реализираме бројни проекти кои со години беа заборавени“, порача Ѓорѓиевски.

Првата теренска средба ќе се одржи во Кисела Вода, во Дом на култура „Билјана Беличанец“, на 27 мај 2026 година со почеток во 19:30 часот.

Следете не, не има насекаде

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

mk_MK
mk_MK