Ние денеска официјално поднесовме барање до премиерот Димитар Ковачевски за средба, откако го испочитувавме неговиот предлог за деблокада на булеварите во Скопје. Очекуваме средбата да се случи брзо и да најдеме договорно решение во врска со исплатата на долгот, рече денеска на прес-конференција Ќемал Муриќ од „Слобода превоз”.
Тој посочи дека неговите ингеренции тука завршуваат, и ќе се префрлат на институционално ниво, односно на правниот претставник на „Слобода превоз” и на директорот Ленин Јовановски.
-Ние приватните превозници, кои после повеќедневната голгота што ја преживеавме на булеварите, каде што дежуравме деноноќно, поради тоа што градските власти на чело со градоначалничката немаа слух да не примат да поразговараме, ги тргнавме блокадите по обраќањето на премиерот. Тој рече дека би можел да биде медијатор и да ги собере на засегнатите страни за да го решиме проблемот, но само ако бидат тргнати блокадите. На средбата ние во нормална атмосфера ќе можеме да ги изнесеме нашите аргументи, како би дошло до решавање на нашиот проблем, рече денеска Муриќ.
Тој додаде дека уште нема конкретен датум за средбата, но очекува истата многу брзо да се случи.
Посочи оти се надева дека по разговорите во Владата ќе бидат подготвени спогодбено да ја решат состојбата, односно ќе се најде спогодбено решение со каква динамика би се исплатил долгот.
Инаку, приватните превозници по девет дена блокади, синоќа одлучија да ги прекинат протестите и повлечат автобусите од булеварот „Илинденска” во Скопје, откако премиерот Димитар Ковачевски вчера изјави дека ќе го прифати барањето за средба, но откако ќе се создадат услови за дијалог и тие ги отстранат блокадите од улиците на главниот град.
The post Муриќ: Поднесовме официјално барање до премиерот за средба, очекувам истата многу брзо да се случи appeared first on 24 Инфо.
Следете не, не има насекаде