Владата донесе одлука со која ги обврзува трговците со леб да произведуваат бел и полубел, сечен или на парчиња и истиот да го продаваат по цена од најмногу 33 денари. За одлуката објави министерот за економија Крешник Бектеши кој напиша: „Секој производ ќе го има по фер цени“.
Во одлуката на Владата стои: „Со оваа одлука се определува обврска на трговците кои претставуваат правни и физички лица кои се регистрирани за вршење трговска дејност во соодветен регистар согласно закон, како и трговците кои претставуваат правни и физички лица за вршење производство кои своите производи ги продаваат на пазарот во сопствени продавници или на други трговци на големо и мало со прехранбени производи, да прибавуваат и/или продаваат леб бел и полубел“.
Во вториот член на одлуката се определува дека треба да се произведува најмалку 80 отсто од лебот кој треба да се продава по замрзната цена.
„Трговците кои претставуваат правни и физички лица кои се регистрирани за вршење на трговска дејност во соодветен регистар согласно закон, имаат обврска во структурата на дневната набавка на сите видови леб, да прибавуваат и продаваат најмалку 80 отсто од лебот од членот 1 од оваа одлука“, се додава во одлуката.
Дообјаснување се дава во вториот став од членот 2.
„Трговците кои претставуваат правни и физички лица регистрирани за вршење на производство кои своите производи ги продаваат на пазарот во сопствени продавници или на други трговци на големо и мало со прехранбени производи, имаат обврска да го произведуваат и ставаат во промет лебот од членот 1 од оваа одлука во количина од најмалку 80 отсто од производството на овој леб во декември 2022 година“, се посочува во одлуката.
На крајот, стои и обврската за плаќање на фактурата во определен рок: „Трговците од членот 2 став 1 од оваа одлука, за испорачаниот леб од член 2 од оваа одлука, на производителот на лебот треба да му платат најдоцна во рок од 20 дена од приемот на фактурата за испорачаниот леб“.