Вработена на Клиниката за онкологија крадела цитостатици од Клиниката, кои биле вредни илјадници евра.
Министерството за внатрешни работи во својот билтен информираше дека вработената работи на Клинички Центар, вози „Рено Клио“ во кое возило биле пронајдени ампулите, но без да информира дека се работи за скапи лекови за најризичните групи пациенти, кои со месеци се жалат на нивен недостаток.
За конкретниот случај ќе има и судска постапка за кривично дело „послужување“, а непознато е во колкав временски период вработената ги крадела ампулите, најверојатно за препродавање.
Во вторникот наутро кај медицинската сестра кој работела во дневната болница на Клиниката за онкологија, со 10-годишен работен стаж, пронајдени биле 20-тина ампули од различни видови цитостатици. Кражбата била регистрирана претходниот ден на камерите во болницата. По распитот сестра се вратила дома и се предозирала со поголемо количество апчиња и била згрижена на Клиниката за токсикологија, од каде денеска е пуштена во добра здравствена состојба.
Клиниката за онкологија пред неколку месеци се соочуваше со претставки до народниот правобранител, од пациентки со канцер на дојка, кои што се жалеа дека не им е обезбедено правото на здравствена заштита, односно секој месец наместо да ги добиваат ампулите, тие ги добивале со доцнење, кое за нив може да биде животозагрозувачко. Стануваше збор за ампулите Херцептин, кои треба да се примаат на секој 21 ден, а пациентките беа доведувани во ситуација да ги прескокнуваат, пишува порталот.
Екс министерот за здравство Беким Сали во една прилика откри дека Клиниката за онкологија е во финансиска дупка од 13 милиони евра.