ноември 23, 2024

Како и што да разговарам човекот (Муамед Сејдини – претседателот на ФФМ н.з.), кога не разбира фудбал, му одговори македонската легенда Горан Пандев на легендарниот хрватски фудбалер Марио Станиќ, сега во улога на новинар, во емисијата „(Не)успех првака“ на регионалната „Арена Спорт“ на прашањето какви се сега односите на рекордерот на Македонија со раководството на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ).

Пандев уште пред историскиот настап на Еуро 2020 е во „војна“ со ФФМ, постојано критикувајќи го раководството за фудбалското неработење и исклучиво личните интереси, па калчо-иконата која лани во септември замина во фудбалска пензија, посочи дека веќе подолг период ја кажува реалноста за состојбите во македонскиот фудбал.

„Односите се катастрофално лоши. Јас и пред Европското првенство кажував што мислам за ФФМ, дека организацијата е катастрофа… Ние отидовме на Европско со стари дресови десет години, мене од Италија ми бараа дресови, не знаев што да им кажам. Маркетингот ужас. Мислев со пласманот ќе се сменат многу работи, дека ќе се инвестира во развој, ама ништо…

Сѐ за лични интереси, нас во Прва лига ни се откажува клуб пред почеток на сезона. Како да зборувам со човек кој не разбира фудбал? Едноставно не разбира. Никако не ми е сфатливо, никој од легендите како Митко Стојковски, Дарко Панчев, Милко и Бошко Ѓуровски, Чеде Јаневскии…, ама баш никој да не е во ФФМ“, рече Пандев.

Легендата на македонскиот фудбал со 122 настапи и 38 гола посочи и дека најтешка одлука во кариерата му била откажувањето од националниот дрес во еден период од 2014 до 2016 година, после што се врати, повторувајќи дека „менаџерските шеми“ го натерале да се повлече од националниот дрес.

„Јас плачев за Македонија, а гледав што се сѐ случува. Гледаш менаџери работат, нешто што никогаш не можев да прифатам, дека мора некој да игра за да биде продаден. Како може тоа да го гарантираш.

Десет пати зборував со претседателот, да играат најдобрите, ама сѐ беше хаос. Тотална катастрофа, ништо не функционираше, секој циклус нов селектор, а во еден циклус играа 50 фудбалери.

Ние Италија ли сме? Mи велеа – ти само одработи го своето. Но, не можев и тоа откажување ми беше најтешката одлука во животот. После се сменија некои работи, прв Љубинко Друловиќ ме бараше да се вратам, но не бев подготвен, а потоа по разговорот со Игор Ангеловски се вратив.

Се вратив зашто почнаа да ги почитуваат А-репрезентативците, зашто претходно менувавме по четири авиони. Едноставно мора да се почитуваат играчите, па почнавме да одиме со чартери.

Јас претходно не можев по четири дена да се соземам, додека играв во Лацио, Делио Роси ми велеше: ‘Ти после настап за Македонија, цел месец не може да дојдеш при себе’“, додаде Пандев.

Следете не, не има насекаде

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

mk_MK
mk_MK