ноември 23, 2024

Куќа во местото Елани (целиот текст на линкот претходно), на првиот крак на Халкидики, во Грција, од пред половина година се води на име на мајката на сопругата на актуелниот претседател на Државната изборна комисија, Александар Даштевски. 75-годишната пензионерка од Куманово го ополномоштила зетот Даштевски, а не, на пример, некое од своите деца, да ја води и заокружи купопродажбата на имотот од 111 метри квадратни. Дополнително, официјалната вредност на куќата наведена во нотарските акти од 110 илјади евра е најмалку двапати помала од пазарната цена на слични недвижнини во Елани. Екипа на „360 степени“ беше во потрага по документите и куќата на Халкидики.

360 степени: Тештата го овластила Даштевски за куќа на Халкидики (да го заврши купувањето)

Претседателот на Државната изборна комисија, Александар Даштевски, до денеска на својот фејсбук-профил имаше објавено семејна фотографија од минатото лето. Иако не пишуваше каде е направена, со пребарување на интернет може да се утврди дека станува збор за Елани, на првиот крак на Халкидики во Грција.

А токму во тоа место има куќа која се води на име на мајката на сопругата на Даштевски. 75-годишната кумановка Славица Ѓ., инаку пензионерка, лани во септември во Солун потпишала договор за купување на недвижниот имот чие ефектуирање било условено со плаќање на договорената сума и веднаш го ополномоштила зетот Даштевски да продолжи да го води процесот во нејзино име, откриваат документите до кои дојде „360 степени“. А до нив стигнавме откако по претходно добиени сознанија, побаравме помош од грчки адвокат.

Беше сончево во Солун пред Велигден. Брзо стигнавме до адвокатската кацеларија за да ги подигнеме документите важни за нашето истражување. Помош ни требаше поради сложеноста на грчкиот катастарски систем, кој нема единствена база, туку повеќе регионални канцеларии од кои дел воопшто не се дигитализирани. Токму во таква канцеларија, во која регистарот се води рачно, се депонирани и се чуваат документите за имотот за кој се интересиравме, лоциран во викенд-населбата Елани, на кракот Касандра на Халкидики.

Според првиот документ од грчкиот катастар, тештата на Даштевски, Славица Ѓ., родена 1948 година, минатата година, пред нотар во Солун, склучила договор со двајца Грци за купување на куќа од 111 метри квадратни во Елани. Реализацијата на актот била условена со плаќање на 110 000 евра како вредност на недвижноста. Веднаш по склучувањето на договорот, истиот ден, пред истиот нотар, Славица Ѓ. го ополномоштила зетот Александар Даштевски да ја продолжи и да ја финализира купопродажбата на имотот. Последователноста на двата акти се гледа од броевите под кои се заведени кај нотарот – договорот носи ознака 13 336, а полномошното 13 337.

„Акт за исплата на договорен износ и укинување на клаузула на поништување на договор“ склучен од Александар Даштевски пред нотар во Грција
Вториот документ од грчкиот катастар е нотарски акт склучен десет дена подоцна, на 3 октомври, и тоа лично од Даштевски. Со него тој потврдува дека договорената сума од 110 000 евра е платена и дека се отстранети сите можни пречки за префрлање на сопственоста.

Со обезбедените документи в раце, заминавме од канцеларијата на адвокатот. Следниот чекор беше логичен.

Од Солун тргнуваме кон првиот крак на Халкидики, со цел конкретно да провериме каде се наоѓа имотот. Во Елани нема организиран систем на улици и броеви, но ќе видиме што точно ќе затекнеме на терен.

Од центарот на Солун до Елани се патува околу час и половина. На првиот крак, на кружниот тек пред Калитеа, се врти десно, на запад, кон Сивири, но исклучувањето за Елани е пред Сивири. Местото е релативно изолирано, надвор од фреквентните сообраќајници на кракот и е нетипично споредено со омилените локации на туристите од Македонија. Елани е составено главно од типски куќи, но како и што претпоставивме, тешко одеше лоцирањето на конкретниот објект на терен.

Проблем со ориентацијата имаше и персоналот што ги одржува имотите. Адресата што ја баравме беше непознаница и за мајсторите што ги дотеруваат куќите и улиците.

Низ Елани добивме и придружба до некаде. Повозевме и низ шума, по асфалт, но и по земјен пат, за конечно да наидеме на сопственици на куќи кои се понудија лично да нè однесат до бараната локација.

По кратко време, и првиот сосед се понуди за помош, а за попрецизна информација нè поврза со друга сосетка. Прашувавме за куќа на Александар од Скопје.

Веќе стана јасно дека сме на вистинското место. Ова е куќата во Елани што се води на име на тештата на Даштевски, а соседите ја знаат како куќа на Александар од Скопје.

Всушност, ова е една во блок од шест типски куќи. На паркингот го има знакот од адресата наведена во документите. Ако за 111 квадрати се платени 110 000 евра, математиката покажува дека квадрат чини околу 990 евра. Но, на пазарот на недвижности, слични куќи во Елани се нудат по повисоки цени. На пример, оваа куќа од 116 квадрати се продава за 223 илјади евра, а оваа од 110 метри квадратни за 200 000 евра или речиси двојно повеќе од сумата наведена како вредност на имотот што е предмет на наш интерес.

Дополнително, IBAN-от од Македонија од кој, како што е наведено во документите, требало да се изврши плаќањето, е невалиден. Ова е лесно проверливо на интернет. На пример, за разлика од сметката запишана во нотарските акти за која се добива резултат дека не постои, нашите проверки на IBAN-сметки на „360 степени“ покажаа дека онлајн алатките даваат кредибилни информации. Ова може да значи дека македонскиот IBAN од грчките документи или е погрешно напишан, или никогаш не постоел, или дека во меѓувреме сметката е затворена.

За мноштвото прашања што ги наметнува случајот со типската куќа во Елани, „360 степени“ побара став лично од првиот човек на ДИК.

Го прашавме Даштевски зошто тештата го ополномоштила токму него, а не некое од нејзините деца за да ја заокружи купопродажбата на недвижниот имот во Елани?

Во подолгиот одговор, кој интегрално е достапен на интернет-страницата „360степени.мк“, Даштевски вели дека не е ниту купувач ниту продавач во договорот, туку полномошник за преземање едно дејствие – подигнување на документација.

Следете не, не има насекаде

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

mk_MK
mk_MK