Денеска во раните утрински часови под раководство на јавен обвинител од Основното јаво обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, припадниците на МВР спроведоа координирана акција на повеќе локации во Општина Гази Баба и Општина Студеничани. Во акцијата се лишени од слобода девет лица меѓу кои и две деца над 16 години во судир со законот, а по две лица се трага.
Постапувајќи по кривичната пријава, јавниот обвинител донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против 11 лица и подготвителна постапка за двете деца. Меѓу осомничените е и еден полициски службеник, како и две лица кои во моментов се на издржување на казна затвор за кривично дело – Криумчарење на мигранти. Постои основано сомневање дека сите осомничени сториле кривично дело Организирање на група и потикнување на извршување на делата трговија со луѓе, трговија со дете и криумчарење на мигранти од член 418-в и Криумчарење на мигранти од член 418-б од Кривичниот законик.
При извршените претреси пронајдени и одземени се: мобилни телефонски апарати, СИМ картички, патнички моторни возила, пари, оружје (пиштол, пушка), уплатници од извршени уплати преку брз трансфер на пари итн.
Станува збор за организирана криминална група, со строга хиерархиска поставеност, која имала за цел стекнување на противправна имотна и материјална корист, предводена од лицето А.Б. (29) од Скопје. Имено, во периодот од месец мај до октомври годинава tој заедно со три лица организатори К.Н., А.Н. и Ќ.Н., со потекло од Блискиот Исток, а кои повремено престојувале на територија на Република Северна Македонија (во Кумановско-липковскиот регион), Р.Грција (Солун) и Р.Србија, организирале криумчарење на мигранти по потекло од Авганистан, Пакистан, Сирија и други земји од Блискиот и Далечниот исток. Мигрантите биле илегално префрлани на територијата на Р.С.Македонија од Р.Грција, преку илегални премини на т.н.„зелена граница” во околината на Гевгелија и Демир Капија, од каде потоа со помош на водичи т.н.„качаци”, координирано се доведувале на претходно утврдени и договорени локации. Од овие локации по насоки на организаторот на органзираната криминална група А.Б., членовите Е.Б., Р.Р., Х. И., М. И., Б.Х., Б.Ш., А.М. , А.Ф., ги преземале мигрантите, по што со патнички и товарни моторни возила ги превезувале до претходно договорените локации во Кумановско-липковскиот регион, за потоа да бидат натаму криумчарени преку територијата на Р.Србија кон државите на ЕУ. На ист начин криумчареле мигранти на територијата на Р.С.Македонија кои биле пренесувани од територијата на Р.Србија, преку илегални премини на т.н.„зелена граница” во околината на кумановско-липковскиот регион кон подрачјето на Гевгелија, а биле по потекло од Индија, кои претходно веќе пристигнале и одреден временски период престојувале на територијата на Р.Србија. На организаторот на криминалната група А.Б., за криумчарење на мигрантите преку територијата на Р.С.Македонија му биле исплаќани пари преку брз трансфер на пари „RIA” и „WESTERN UNION” како и „на рака”, а цената на транспорт по лице изнесувала од 600 до 800 евра.
Заради успешна реализација на криумчарењето, организираната криминална група континуирано добивала логистичка и друга поддршка од осомничениот полициски службеник, кој со умисла на друг начин помагал обезбедувајќи информации за местото и времето каде нема да има полициски контроли, патроли или заседи, односно каде по рутата по која осомничените ги превезувале мигрантите има поставени полициски пунктови.
Во наведениот период оваа криминална група илегално пренела најмалку 86 мигранти.
Предметниот обвинител, ценејќи дека постојат околности што го оправдуваат стравот oд опасност од бегство, дека ќе ги сокријат, фалсификуваат или уништат трагите на кривичното дело и дека со влијание врз сведоци и соучесниците ќе ја попречат истрагата, како и стравот ако се бранат од слобода дека ќе го повторат делото, до судијата на претходна постапка и судијата за деца достави предлог за определување на мерката притвор за осомничените.
The post Полицаец и затвореници дел од разбиена банда криумчари- наплаќале по 800 евра од мигрант за транспорт во Србија appeared first on 24 Инфо.
Следете не, не има насекаде