Американскиот Конгрес го смени законот стар речиси 150 години со кој се регулира официјализирањето на резултатите од претседателските избори. Потегот е рпеземен со цел да се спречат идни обиди за оспорување на изборните резултати, како што тоа го направи во 2021 година поранешниот претседател Доналд Трамп.
Претставничкиот дом синоќа ги усвои амандманите на Законот за броење гласови како дел од многу поголемиот законодавен пакет вреден 1,7 трилиони долари, кој претходниот ден беше усвоен од Горниот дом, Сенатот. Законот сега треба да го потпише американскиот претседател Џозеф Бајден, по што ќе стапи на сила.
Во соопштение Бајден го пофали вклучувањето на таа регулатива во законодавниот пакет и ја нарече „витална двопартиска акција што ќе помогне да се обезбеди изразената волја на народот“.
Измените во Законот за пребројување на гласовите се најзначајниот одговор на Конгресот досега на агресивните напори на Трамп да го поткопа легитимитетот на претседателските избори во 2020 година, кои ги загуби од Бајден.
Тој потег беше препорачан и од специјалниот комитет на Претставничкиот дом, кој спроведе истрага за насилниот упад на бунтовничката толпа во зградата на Конгресот на 6 јануари 2021 година. Законот за пребројување на гласовите, донесен во 1887 година, долго време беше критикуван дека е лошо напишан и конфузен. Неговите промени добија поддршка и од Демократската и од Републиканската партија на САД.
Следете не, не има насекаде