Обилен снег наврна во северните региони на Јапонија, блокирајќи стотици возила на автопатите и оставајќи многу домаќинства без струја.
Надлежните од Агенцијата за справување со катастрофи потврдија дека за време на снежното невреме животот го загубиле 17 лица, а повеќе од 90 се повредени.
Голем дел од жртвите паднале при отстранување на снегот од покривите или биле затрупани под големото количество снег што паднало од покривите врз нив.
Локалните власти ги повикаа граѓаните да внимаваат при отстранувањето на снегот и да не работат сами. Агенцијата за справување со катастрофи соопшти дека жена на 70-годишна возраст била пронајдена мртва закопана под густиот куп снег што ненадејно паднал врз неа во градот Нагаи, кој се наоѓа на околу 300 километри северно од Токио.
Делови од североисточна Јапонија наврнаа три пати повеќе од просечната количина на снег за овој период од годината. Силниот снег урна кула за пренос на електрична енергија на најсеверниот главен остров во Јапонија.
Како резултат на тоа, околу 20.000 домови останаа без струја на божиќното утро. Од Министерството за економија и индустрија велат дека во текот на денот е повторно воспоставено снабдувањето со електрична енергија.
Десетици возови и летови се суспендирани во северна Јапонија, но Министерството за транспорт соопшти дека сообраќајот е нормализиран.
Во Нигати, позната по одгледувањето ориз, некои производители на мочи, лепливи колачиња од ориз, кои се главен дел од новогодишните оброци, рекоа дека имало доцнења во испораката и дека поради тоа нивните колачиња можеби нема да стигнат навреме кај клиентите, објави Гардијан.
Следете не, не има насекаде