ноември 23, 2024

„Концертот не случајно носи наслов ‘Сила’, затоа што сите композиции, ако може да им се даде една генерална оцена, се фокусирани на моќта на интерпретацијата, страста и енергијата којашто и самите изведувачи треба да ја донесат на сцената. Почнувајќи од симфонискиот став ‘Музи и здив’, чиј автор е солистот на труба Пачо Флорес, став кој е посветен на врвниот Астор Пјацола, аргентинскиот композитор што го донесе на свет ‘танго нуево’, и во кој се чувствува неговото силно влијание, особено во оркестарските делници“, се вели во најавата од Македонска филхармонија. 

„Приказни за цвеќиња и танго“ е композиција на Даниел Фрајберг, еден од новите водечки композиторски имиња, и „Симфонискиот сјај на Маргарита“ на композиторот Иносенте Хозе Карењо негово најпознато дело во кое се содржани многу влијанија од народната музика од северниот брег на Венецуела, поточно од островот Маргарита.

Мануел Хернандез-Силва дипломира на престижниот Државен конзерваториум во Виена со највисоки оценки, а професори му биле Рејнхард Шварц и Георг Марк. Добитник е на наградата на натпреварот за диригирање „ЈунгерКунстлер“, што ја доделува Виенскиот камерен оркестар, со кој Силва диригира во Виена. Диригирал на значајни интернационални фестивали, а често настапува како гостин диригент со шпански и со други оркестри во Европа. Бил шеф-диригент на Оркестарот на Кордоба, на Филхармонијата во Малага, на симфонискиот оркестар „Навара“, и почесен шеф-диригент на оркестарот „Симон Боливар“ во Каракас, со кој интензивно работел повеќе од пет години. Диригирал со Виенскиот симфониски оркестар, Израелскиот симфониски оркестар, оркестарот на Радио Прага, Симфонискиот оркестар на Биел, со оркестарот на Мулхаус, Симфонискиот оркестар на Вупертал, Филхармонијата на Сеул, Филхармонијата на Буенос Аирес, Националниото ркестар на Венецуела, Симфонискиот оркестар на Чиле и со сите водечки оркестри во Шпанија. Како оперски диригент доби одлични критики за неговите изведби на „Волшебната флејта“ и „Така прават сите“ од Моцарт, за Бетовеновата „Фиделио“ и за „Боеми“, „Џани Скики“, „Тоска“ и „Мадам Батерфлај“ од Пучини. Маестро Хернандез-Силва работи и како професор, постојано е активен во педагошката сфера, каде посветено едуцира млади диригенти.

Трубачот Пачо Флорес критиката го оценува како еден од најатрактивните уметници денес, кој е фокусиран на промоција на современата музика. Првите награди што ги освоил на најпознатиот меѓународен натпревар за труба во светот „Морис Андре“, како и на „Филип Џонс“, ја потврдуваат неговата висока репутација во светот на музиката. Уште за време на неговите студии во Оркестарот за млади и деца во Венецуела, Флорес добил врвно признание за неговите интерпретации како солист, способен подеднакво да управува со класичните и со популарните жанрови. На своите магични изведби, тој им додава огромна доза енергија обоена со најубавите инструментални бои. Како солист настапувал со Филхармонијата на Киев, Камерата од Санкт Петербург, со оркестри во Париз, Токио, Осака, Германија, секако во неговата родна Венецуела, рецитални настапи во „Карнеги хол“ во Њујорк, во „Плејел“ во Париз или „Опера Сити“ во Токио. Како еден од основачите на Дувачкиот квинтет „Симон Боливар“, учествувал на бројни турнеи низ Европа, Јужна Америка, САД и Јапонија, а како оркестарски музичар ја имал водечката позиција како трубач во Симфонискиот оркестар „Симон Боливар“ во Венецуела и во Симфонискиот оркестар на Мајами, соработувал со диригенти како Клаудио Абадо, Сер Симон Ратл, Сеиџи Озава, Густаво Дудамел… Основач и директор е на латиноамериканската Академија за труба во Венецуела и ја негува традицијата за изучување на млади таленти. Неговиот репертоар е широк и вклучува премиери на дела од голем број современи композитори. Неодамна одржа значајна концертна турнеја низ Норвешка и Австрија со Арктичката филхармонија, под водство на маестро Кристијан Линдберг, изведувајќи го неговиот концерт „Акбанк Бунка“ за труба и оркестар, дебитирајќи во „Фестпилхаус“ во Салцбург и во „Музикеверин“ во Виена. Неговиот прв албум носи наслов „Ла Тромпета Венецолана“, а Флорес е ексклузивен уметник на „Дојче грамофон“ со веќе три снимки – „Кантар“ со Концертхаус оркестарот во Берлин и маестро Кристијан Васкез, „Ентропија“ за кој освои Златен медал на Глобал мјузик авардс, „Фрактали“ со Арктичката филхармонија и маестро Кристијан Линдберг и двојното цеде „Песни и танци“ со маестро Мануел Хернандез-Силва.

Лео Рондон е познат интерпретатор на венецуелска куатро гитара, аранжер и продуцент на квартетот „Авила“, на Венецуелскиот музички квартет, како и на ансамблот „Л’Арпеџата“, покрај неговиот соло проект едноставно насловен „Лео Рондон“. Добитник е на значајни награди во Венецуела и Колумбија како изведувач на куатро гитара, а настапува на престижни фестивали во Венецуела, Колумбија, Португалија, Шпанија, Франција, Германија, Италија, Луксембург,Швајцарија, Мароко…, во разни ансамбли и со разновидни уметници.

Следете не, не има насекаде

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

mk_MK
mk_MK