– Сè повеќе луѓе во Германија се обраќаат кон нас, барајќи од нашите услуги за да врзат крај со крај, поради зголемените цени на енергијата и високата инфлација, соопшти германскиот Црвен крст, цитиран од ДПА.
„Сè повеќе луѓе ги посетуваат нашите простории за облека и исхрана и бараат совет од нас како да се справат со долговите“, вели Герда Хаселфелд, претседател на германскиот Црвен крст во интервјуто објавено во денешното издание на весникот „Рајнише Пост“.
„Потребите навистина значително се зголемени и луѓето почесто ги користат нашите услуги“, истакнува Хаселфелд.
Таа забележува дека високите цени и недостатокот социјална сигурност влијаат врз психата на луѓето.
Хаселфелд ја искористи можноста да посочи на несигурностите во финансирањето на германскиот Црвен крст, повикувајќи ја Владата да преземе мерки.
Претседателката најави дека годинава Црвениот крст добил повеќе донации, што главно се должи на војната во Украина.
„Годинава подготвеноста на граѓаните да помогнат и да донираат беше навистина голема“, нагласува Хаселфелд, прецизирајќи дека организацијата што ја предводи очекува вкупната вредност на донациите за оваа година да достигне 150 милиони евра. Од тие средства околу 118 милиони се донации за Украина.
За споредба, минатата година германскиот Црвен крст примил донации во вредност од околу сто милиони евра.
Следете не, не има насекаде