ноември 28, 2024

При утврдените неправилности во работењето на дел од менувачниците во Скопје, како што велат од ДПИ, пазарните инспекторати го известиле Државниот девизен инспекторат за понатамошно постапување, како орган кој е надлежен врз работата на менувачниците

Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) вечерва преку писмено соопштение ги демантира наводите кои денеска ги изнесе Министерството за внатрешни работи (МВР) оти шестмина пазарни инспектори минатата година ја злоупотребиле својата службена положба и овластување, бидејќи не изрекле соодветни казни на неколку менувачници во Скопје кои немале лиценци за работа.

Од ДПИ објаснуваат дека во периодот од март до јуни минатата година Единицата за економски и компјутерски криминал при СВР Скопје во повеќе наврати од Инспекторатот побарала спроведување координирани акции при што заедничка контрола се извршила во неколку менувачници кои биле одредени од скопската полиција.

„При надзорите е констатирано дека дел од субјектите се регистрирани во согласност со Законот за трговски друштва, а дел од нив биле нерегистрирани за што пазарните инспектори изрекле глоби во согласност со важечкиот Закон за забрана и спречување на вршење на нерегистрирана дејност и го известиле Државниот девизен инспекторат за понатамошно постапување како надлежен врз работењето на менувачниците“,

се неведува во демантот на Државниот пазарен инспекторат.

Во оваа насока, од ДПИ посочуваат оти нивните инспектори не ја злоупотребиле својата службена положба и дека постапувале согласно своите законски надлежности.

По однос на наводите на МВР оти при контролите пазарните инспектори, меѓу другото, не им ги одземале средствата на менувачниците кои работеле на диво, од ДПИ велат дека во кругот на нивните надлежности не е предвидено одземање на парични средства кои се предмет на работење, ниту, пак, проверка дали субјектот има лиценца од Народната банка на Република Северна Македонија.

„Надлежностите за вршење надзор кај резидентити кои вршат менувачко работење има Државниот девизен инспекторат во согласност со Законот за девизна инспекција и Законот за девизно работење, каде е наведено дека девизниот инспекторат има надлежност кај резиденти кои вршат менувачко работење без лиценца од НБРСМ, да врши надзор, да одзема предмети и парични средства, според член 43, 46 и 51 од Законот за девизно работење“,

додаваат од ДПИ во писмената реакција.

Пазарниот инспекторат воедно бара надлежните институции, меѓу кои и Обвинителството, да постапат согласно своите ингеренции и да го решат случајот докрај.

Реакцијата на ДПИ следува откако претходно денеска од МВР информираа дека се поднесени кривични пријави против шестмина пазарни инспектори поради злоупотреба на службената положба при постапување со неколку менувачници во Скопје кои немале соодветни лиценци за работа, односно работеле на диво.

Следете не, не има насекаде

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

mk_MK
mk_MK