ноември 23, 2024

Три настани, кои се случија на почетокот, во средината и на крајот на годината а кои  ќе останат забележани во историјата на земјата, се најпозитивните нешта во земјата во годината која е зад нас. Во јануари го започна 2-годишниот мандат како непостојана членка на Советот за безбедност на ОН, во јули почетокот на пристапните преговори со ЕУ и во декември одржувањето на Самитот ЕУ-Западен Балкан во Тирана, што е прв ваков собир надвор од границите на ЕУ.

-Повеќе од добра вест. Го почнуваме двегодишниот мандат како непостојана членка на Советот за безбедност, за првпат по 66 години членство во ОН. Голем предизвик, но и одлична можност за нашата земја, која се пријави како консензуален кандидат на Групата источноевропски земји. Тоа е едно од најголемите достигнувања во меѓународната дипломатија, откако земјата стана членка на ОН на 14 декември 1955 година. Советот за безбедност на ОН е еден од најважните органи на Обединетите нации, задолжен за одржување на мирот и безбедноста меѓу народите, оцени премиерот Еди Рама.

Совет го сочинуваат 15 членки, при што САД, Обединетото Кралство, Франција, Русија и Кина се 5 постојани членки, а останатите 10 земји членки имаат мандат од по две години. Албанија доби 175 гласови од 117 потребни.

Во јули Албанија и Северна Македонија ги започнаа пристапните преговори со Европската Унија (ЕУ). Рама кој често ја критикуваше ЕУ користејќи ги изразите дека „со години ја чекаме невестата но таа никако не дојде“ а правејќи паралела и со „Чекајќи го Годо“ од Семјел Бекет, антидрама која претставува празнина, чекање како празно дејство, тогаш  истакна дека албанскиот народ никогаш не се откажал и не престанал да сонува да го следи европскиот пат.

-Застанавме на нозе по три комплицирани години каде од една страна одбивањата на Европскиот совет, а од друга страна земјотресот, пандемијата, војната создадоа тешка ситуација. Знаеме дека ова не е почеток на крајот, но тоа е крај на почетокот. Едноставно треба да изградиме европска и силна Албанија и отворен, силен и демократски Западен Балкан, нагласи Рама.

Целосна и недвосмислена посветеност на перспективата за членство на Западен Балкан во Европската Унија беше потврдена на 6 декември на самитот ЕУ-Западен Балкан што се одржа во Тирана, од страна на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, високиот претставник Жозеп Борел, комесарот Оливер Вархеји, како и од шефови на држави и влади на државите-членки на ЕУ и на Западен Балкан.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, рече дека овој самит „дава јасна порака за нашиот ангажман, нашето единство и нашето силно партнерство“.

-ЕУ е повеќе од кога било посветена на заедничка иднина, со нашите партнери од Западен Балкан во рамките на ЕУ. И ние ја користиме секоја можност да ги зближиме нашите региони и нашите луѓе. Од заедничко решавање на енергетската криза до отворање повеќе можности за граѓаните и бизнисите, вклучително и намалување на трошоците за роаминг. Ова е големо достигнување, рече меѓу другото таа.

Лидерите присуствуваа и на потпишувањето на декларацијата од претставници на телекомуникациските оператори од ЕУ и од Западен Балкан за првото намалување на цените за роаминг меѓу регионот и ЕУ, почнувајќи од октомври 2023 година.

Самитот беше и можност да се разговара и да се продлабочи соработката на ЕУ со регионот во областите на управување со миграцијата, кибер безбедноста, образованието и младите. Европската унија во 2023 година ќе и помогне на Албанија со 85 милиони евра во однос на новите извори на енергија за да се оттргне од руското влијание.

-Огромна благодарност, веќе добивме 85 милиони евра буџетска поддршка од ЕУ за следната година, но во исто време имаме уште еден пакет проекти. Регионот ќе биде инклузивен за нови извори на енергија и повеќе да се оградува  од руското влијание, рече  премерот Рама.

Тој додаде дека ЕУ е тука за Западен Балкан и дека доаѓањето во Албанија е „знак на свесност за благодарноста кон нашата земја“.

-Никогаш не сме имале претседател на Советот или на регионот кој бил толку решен да биде застапник на регионот, за да се погрижи процесот да не замре во агонија. Би сакал да ја истакнам историската димензија на овој самит, тоа е првпат кога ЕУ ги напушта границите на ЕУ да одржи самит, тоа се случува во Албанија. Го гледам како извонреден знак, како знак на свесност, како благодарност за нашата земја, за нејзината улога во регионот,  како фактор на стабилност и соработка, изјави Рама.

Сакам да верувам, рече тој,  дека тоа е моментот кога сите луѓе во регионот ја добиваат пораката дека ЕУ е тука за нас, тука за вас и оти Албанците се најпроевропската нација во Европа.

Состанокот на врвот на 27 членки на ЕУ со шест земји од Западен Балкан:   Северна Македонија,   Албанија,   Србија,  Црна Гора, Босна и Херцеговина и  Косово, одржан по силни безбедносни мерки, сепак го засени инцидентот што се случи на протестот на опозицијата, кога со тупаници беше нападнат лидерот на демократите Сали Бериша, кој изјави дека не верува во полициските тврдења дека лицето кое го нападна боледува од психички проблеми. Во изјава за медиумите, по протестот, Бериша рече дека сторителот  Гент Шеху (31)  е „агент на криминалистичката полиција“.

-Документот нема датум, што никогаш не се случува, а на ваше изненадување, ниту печатот нема датум. Еве уште еден рекорд. Уапсен сте затоа што ви биле пронајдени 1,9 грама канабис сатива. Ова се типични акции кои се спроведуваат против полициските агенти за да ги направат веродостојни, да навлезат и да ги инсталираат во мрежите на шверцерите. Моите извори се сигурни, тој е агент во секторот за криминал во полицијата, и е активен на овие две дестинации, изјави Бериша, што веднаш беше демантирано од албанското МНР.

Нападот врз Бериша го осудија претседателот Бајрам Бегај,  американската амбасада, премиерот Еди Рама, кои побараа под итно негово расветлување, како и лидери на политички партии. По неколкудневен тертман во болницата во Тирана, поради повредите кои му беа нанесени од страна на дел од учесниците на протестот, судот му одредени мерка притвор.

Кога станува збор за успесите постигнати минатата година секако тука е полноправното членство на земјата во механизмот за цивилна заштита на Европската унија, во средината на ноември, како и преземањето на претседавањето со енергетската заедница во 2023 година.

Календарската 2022 година се оценува како златна година за туризмот, како во однос на странските туристи, така и по остварените приходи.

-Во периодот јануари-ноември 2022 година нашата земја привлече 7.152.242 странски посетители, додека лани 5.421.240. Значи 31,9 отсто повеќе посетители споредено со истиот период минатата година, што е рекордна бројка остварена до сега, објави министерката за туризам и животна средина Мирела Кумбаро.

Последно објавените податоци од Централна банка, пак потврдуваат дека за девет месеци, приходите од туризмот достигнале 2,2 милијарди евра, надминувајќи ја годината пред кризата, 2019 година, која се смета за најдобра досега, кога овој показател достигна 2,1 милијарди евра во целиот период. Во екот на туристичката сезона „туристите потрошиле 1 милијарда евра и со тоа поставиле историски рекорд“. Најголем број од туристите се од Косово потоа следат другите земји од регионот, Северна Македонија, како и Грција и Италија.

Албанија во јуни го доби осмиот шеф на државата по падот на тоталитарниот режим. Законодавниот дом за нов претседател на државата го избра  генерал Бајрам Бегај, кој на оваа функција дојде од началник на Генералштабот на вооружените сили. За неговиот избор гласаа 78 пратеници а освен владејачките социјалисти поддршка му дадоа и опозициски пратеници. Претходно, како што налага Уставот за предлог – кандидатурата се потпишаа 37 пратеници(потребни беа 20) меѓу нив и Еди Рама.

Бегај за началник на ГШ на вооружените сили на Албанија беше назначен 2020 година. Пред тоа бил командант на неколку армиски сектори. Роден е на 20 март 1967 година во Рогожина.  Дипломирал на медицинскиот факултет, посетувал многу обуки во земјата, САД и во Грција. Оженет е со Арманда Бегај и е татко да две деца.

Генерал Бегај (55)  е осмиот претседател на Албанија, по падот на комунизмот, по Рамиз Алија, Сали Бериша, Реџеп Мејдани, Бујар Нишани, кој, во мај почина како последица од компликации од коронавирус, Бамир Топи и Илир Мета, а втор висок армиски старешина на оваа функција, по Алфред Моисиу (2002-2007) кој исто така по чин беше генерал.

Со давањето свечена заклетва, Бегај на 24 јули и официјално ја презеде функцијата претседател на Албанија, на која ќе остане во наредните пет години, ветувајќи им на граѓаните дека ќе биде во нивна и во служба на татковината, почитувајќи ги уставните надлежности.

-Се заколнав дека ќе му служам на Уставот, на националниот интерес и на напредокот на албанскиот народ и ќе ја исполнувам мојата должност според принципите и нормите на Уставот. Јас ќе ја извршувам оваа мисија натпартиски, но нема да останам неутрален кон никој што и противречи на оваа заклетва, кон секој што ги става политичките интереси пред интересот на нашата нација. Секогаш ќе поддржувам, ќе се трудам и ќе инсистирам на соработка меѓу сите политички сили, во изнаоѓање заеднички јазик, во изнаоѓање начини, дури и заеднички патишта, бидејќи на крајот ние сме слуги на граѓаните а конфликтот никогаш не е слуга на доброто, порача Бегај.

Во претседателката резиденција го пречека неговиот претходник  Илир Мета, со кого се прегрнаа а правејќи симбол на орел со рацете, Мета замина од резиденцијата.

Но, Албанија не само што доби нов шеф на државата, со доаѓањето на Бегај во претседателската резиденција земјата има и „прва дама“, титула која и недостигаше на Албанија во изминатите пет години. Арманда Бегај (54) е биде „прва дама“ на Албанија. Кога Илир Мета, положи заклетва како претседател, на 24 јули 2017 година, неговата сопруга Моника Круемади ја одби почесната титула „прва дама“ продолжувајќи ја политичката кариера, како лидер на Движењето за социјалистичка интеграција(ЛСИ) и го препушти местото на повозрасната ќерка Бора.

Сепак не беше сè розово во годината која е зад нас, опозицијата продолжи со антивладини протести, дел од нив и насилни, масовната миграција, пред сè на младата популација, економската криза…кибер нападите.

По напуштањето на претседателската резиденција Мета, како што и најави претходно, ја продолжи политичката кариера, како лидер на ЛСИ, и и го смени името во Партија на слободата. Мета кој и така имаше заладени односи со Еди Рама, почна со партиски собири и јавни настапи на кои не штеди навредливи зборови и обвинувања на адреса на премиерот Рама и „мафијашкиот режим“. Владејачките социјалисти на 9 јуни 2021 година изгласаа одлука за негово разрешување но Уставниот суд во февруари 2022 пресече дека Мета не го прекршил Уставот и тој остана претседател.

Тој и неговата партија веќе редовно учествуваат на антивладините протести организирани од демократите на Бериша, кој никако „да се смири“ по прогласувањето за непожелен од САД, во мај 2021 и Велика Британија во јули 2022 година. Бериша сам ја објави веста за тоа и обвини дека и одлуката на САД и ова се плод на „обвинувањата и лобирањето на премиерот Еди Рама и мултимилјардерот Џорџ Сорос“.

-Ова има за цел да ја задржи на власт најкорумпираната  влада  во Европа, која со насилно земениот глас на граѓаните го врати целосниот монизам во земјата и ја краде и жртвува Албанија и Албанците, ја води државата до банкрот за да ја купи и зачува моќта. Уште еднаш повторувам, дека првиот момент кога владата на Обединетото Кралство, или која било друга странска влада или некој ќе докаже а да  не лаже, со доказ и факт за корупција, јас самиот за себе ќе донесам одлука, рече Бериша.

На обвинувањата на Бериша Рама на Фејсбук објави: Без коментар, напиша Рама постирајќи фотографија од насловот на книга на диктаторот Енвер Хоџа „Англо-американската опасност за Албанија“.

Инаку, демократите ја преживуваа најдлабоката криза во партијата, откако тогашниот лидер Љуљзим Баша го исклучи од пратеничката група Бериша, по барање на американската амбасадорка. Потоа следуваше исклучување на Бериша  и негови приврзаници од сите партиски структури, вклучително и шест пратеници, со образложение дека „нема место за лица кои се закана за прозападната ориентација на Албанија“  а Бериша на референдум свикан од него го разреши Баша од лидерката функција, по што тој си поднесе оставка.  На осми јануари приврзаниците на Бериша предводени од него се обидоа насилно да го заземат седиштето на партијата, при што предизвикаа голема материјална штета а мораше да интервенира и полицијата со солзавец и водени топови. Седиштето на партијата го користат Бериша и приврзаниците.

-Ќе продолжиме со револуција, протести до граѓанска непослушност, порача Бериша по последниот протест.

Миграцијата, како „рак-рана“ на албанското општество и понатаму не се залекува, сега поизразена во северниот дел на земјата од каде младите на илегален начин влегуваат преку каналот Ламанш во Велика Британија. Тамошните власти објавија дека од над 40 илјади имигранти кои годинава стапнале на британско тло, над 12 илјади се албански граѓани. Не стивнува  одливот на младата популација и во други земји пред сè во Германија и Франција. Според извештајот на Обединетите нации Албанија ја има третата по големина дијаспора во светот, односно дека 30,7 отсто од албанското население живее во дијаспората, најголем процент во Италија, Грција, Велика Британија, САД  и други земји. Податоците, пак, на државниот Институт за статистика, ИНСТАТ, потврдуваат дека во последните 7 години просечно годишно Албанија ја напуштаат по околу 37.000 граѓани, односно 1,2 отсто од населението или 101 граѓанин секој ден.

Според експертите, загрижува фактот дека околу 80 отсто од нив се најактивната возрасна група за работа, 15-44 години.

Миграцијата го намалува бројот на ученици, па така само во последните пет години бројот на учениците во предуниверзитетското образование е помал за 58 илјади. Оваа учебна година во ученичка клупа седнале 17.543 ученици помалку. Најголем пад се чувствува во 9-годишното образование каде, споредено со лани, има 11.146 деца помалку, додека во средните училишта бројот е намален за 6.400 ученици.

Во меѓувреме, растат дознаките на иселениците кои за девет месеци дома испратиле 592 милиони евра. Според платниот биланс Централна банка на Албанија. Во периодот јануари-септември изнесуваат 592 милиони евра, што е раст од 10 отсто во однос на истиот период 2021 година. Италија и Грција водат како земји од кои доаѓа најголем прилив на средства, поради големиот број албански граѓани  кои живеат и работат во овие земји, а потоа следат Велика Британија, Германија, Швајцарија и САД. Во Албанија, секое четврто семејство добива приходи од свои блиски кои се во странство, што се покажува како единствен извор на егзистенција за огромното мнозинство од нив. Со овој приход живеат над 220 илјади семејства, во отсуство на друг извор. Во 2021 година дознаките достигнаа вредност од 761 милион евра, што беше највисоко ниво од 2009 година.

Во  последниот извештај „Мониторинг на системот за корупција 2021“, објавен од Регионална мрежа за антикорупција СЕЛДИ се оценува дека Албанија има најголем притисок и вмешаност во корупција во Западен Балкан за сите показатели, како што се барање мито, давање, прифатливост на корупција, па дури и заробување на државата од страна на бизнисите.

-Албанија се чини дека е земја која е најмногу погодена од највисоката административна корупција во регионот, 57 отсто од албанските граѓани кои биле опфатени во анкетата тврдат дека им било побарано поткуп, а 47 отсто признаваат дека го дале. И двете од овие бројки се највисоки во регионот, стои во извештајот.

Новиот претседател на Специјалното обвинителство за организиран криминал и корупција (СПАК) Алтин Думани, кој беше избран во средината на декември, најави дека обвинителство преминува на поагресивна борба против корупцијата на функционерите на сите нивоа.

Најголем удар Албанија, според експертите од ова област доби на 15 јули и 9 септември кога иранските хакери од групата „Татковинска правда“ извршија силни кибер-напади врз албанските владини системи. И покрај тврдењата на премиерот Рама дека не дошле до сензитивни податоци, нивните редовни објави го демантираа. Објавија податоци за претходниот генерален директор на полицијата Гледис Нано, за актуелниот Мухамет  Румбулаку, за премиерот Еди Рама и повеќе министри, како и лични податоци на албански државјани, дури и единствениот избирачки список. Последно, на Телеграм, каде ги објавуваат истите,  осамнаа податоци на вработените во албанската тајна служба, ШИШ, меѓу другото и нивните безбедносни сертификати и криминални досиеја. Претходно објавија податоци за првиот човек на ШИШ, Херолинд Бендо  неговиот заменик Олијан Кануши, односно лични податоци за двајцата, нивни фотографии и телефонски броеви, е- пошта, податоци за патувања. Нападите на иранските хакери во албанската кибернетичка мрежа и постојаното објавување мејлови и документи на високи функционери, донесе директна закана по националната безбедност, поради што владата одлучи да ги модернизира серверите на албанскиот систем за што ќе потроши 2,8 милиони евра.

Во Драч, поточно во кампот на муџахедините на 24 јули требаше да се одржи Светскиот самит на Слободен Иран, но два дена пред тоа беше одложен по предупредувањата на американската амбасада дека постојат сознанија за потенцијална терористичка закана насочена кон настанот и учесниците. Во кампот на иранските муџахедини, припадници на МЕК, во Манза, кај Драч, на околу 30 километри од Тирана, сместени се  најмалку 3 илјади муџахедини, кои се сметаат за терористичка група од страна на Исламската Република Иран и со децении се во отворен конфликт со тамошниот режим.

Хакерите, по кибер-нападите во објавите отворено и порачаа на земјата дека „се способни во секој момент да ја нападнат со вооружени дронови“ бидејќи ги згрижила муџахедините.

Пред вториот кибер-напад, албанската влада донесе одлука со која ги прекина дипломатските односи со Иран и го протера од Тирана целиот персонал на иранската амбасада. Иран го осуди протерувањето на дипломатите, нарекувајќи ја акцијата непромислена и кусогледа. Во соопштението, иранското Министерство за надворешни работи негираше дека Техеран стои зад каков било кибер-напад врз веб-страниците на албанската влада. Врските меѓу Иран и Албанија се напнати од 2014 година кога Албанија се согласи да ги прифати муџахедините. Во два одвоени случаи во 2020 и 2018 година, Тирана протера четворица ирански дипломати поради „загрозување на националната безбедност“.

Годината ја карактеризираа и други настани. Еден од нив е изгласувањето на резолуција од страна на парламентот против извештајот на Дик Марти за шверцот на органи за време на косовската војна. Премиерот Рама испрати писмо до земјите членки на Советот на Европа (СЕ) во кое бара од нив да го отфрлат извештајот на Дик Марти за трговија со човечки органи и да започне процес што ќе доведе до нов извештај, кој ќе го исправи она што албанскиот премиер го нарекува „трагична грешка“. Рама тврди дека 11 години по усвојувањето на Резолуцијата во Советот на Европа, врз основа на извештајот на Марти, нема докази за трговија со човечки органи.

Секако албанските власти искажаа поддршка на дијалогот Косово-Србија, ја осудија руската агресија врз Украина, воведоа санкции кон Русија а во земјата се сместен над 400 украински граѓани. Продолжи со несмален интензитет да се одгледува канабисот, но и негова заплена, јавноста во земјата ја потресоа повеќе мафијашки убиства, кои главно се пресметка меѓу трговци со дрога…Исто така владата набави три беспилотни летала од компанијата „Бајрактар“ а најави  пуштање и на два сателта „Албанија1“ и Албанија2“.

По повеќе од две тешки години на економски план, Албанија забележа раст на директните странски инвестиции. Централна банка на Албанија објави дека во периодот јануари-септември тие достигнале 984 милиони евра, што е за 35 отсто повеќе  во споредба со истиот период пред една година. Тоа се повеќе се потпира на реинвестираната добивка на постоечките претпријатија. Земјата регистрираше и највисока стапка на инфлација во последните две децении(8,3проценти во октомври), која забележа благ пад во месец ноември(7,9). Сепак Албанија имаше најниска стапка на инфлација во регионот. Според министертвото за финансии економскиот раст годинава се очекуваа да биде 4,1 отсто од БДП. Проектот за изградба на марина за јахти во Драч, инвестиција од две милијарди евра од ОАР, и уште неколку други проекти, пред сè на крајбрежјето, потоа во енергетиката и подобрувањето на патната инфраструктура владата најавува дека за кус период земјата ќе стане „оаза на Балканот“.

Што ќе биде, треба да го каже иднината, а сега е едно јасно дека сите градови во земјата блескаат во новогодишно руво, со зголемена фреквенција на туристи и иселеници кои се пристигнати во родниот крај. Предновогодишната атмосфера ја споделија со други и премиерот Рама со синот Захо, на еден од плоштадите во Тирана, поскаувајќи здравје и благосотојба за сите Албанци каде и да се.

Следете не, не има насекаде

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

mk_MK
mk_MK