ноември 23, 2024

„Мораме да разговараме и да се обидеме да ја вратиме довербата. Немаме видено поорганизиран отпор на српскиот народ“, рече Вучиќ и им порача на Србите од Косово дека тој и државата секогаш ќе бидат со нив.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, синоќа во Рашка, по разговорите со Србите од Косово, порача дека барикадите ќе бидат отстранети, но дека недовербата останува.

„Од утре претпладне ќе почне отстранувањето на барикадите, тоа не може да биде готово за два часа, дали за 24 или за 48 часа, барикадите ќе бидат отстранети, но недовербата останува“, рече Вучиќ.

Наведе дека имале тешки разговори, но дека биле многу искрени.

„Мораме да разговараме и да се обидеме да ја вратиме довербата. Немаме видено поорганизиран отпор на српскиот народ“, рече Вучиќ и им порача на Србите од Косово дека тој и државата секогаш ќе бидат со нив.

На средбата со Србите од Косово Вучиќ рече дека дошол да ги слушне и дека претпоставува дека ќе му бидат претставени, како што рече, „невозможни барања“ кои ќе ги сослуша и дека без разлика на сѐ, ќе застане до нив.

Укажа дека изминатите денови нивните права биле многу загрозени.

„Да, ова е симболична победа, но ние сега недвосмислено имаме напишано на хартија дека луѓето од барикадите нема да бидат прогонувани“, нагласи Вучиќ.

Порача дека секој ден на мир и стабилност што ќе го купат значи повеќе живот и повеќе шанси за иднината, додавајќи дека за тоа не гледа алтернатива.

Вчера, директорот на Канцеларијата за Косово, Петар Петковиќ, изјави дека Србија никогаш не добила посилни гаранции од Соединетите Американски Држави (САД) и Европската Унија (ЕУ) кои го исполнуваат барањето на косовските Срби да нема никакви списоци за апсење или кривично гонење поради нивното учество во мирни протести или на барикади.

Србите повеќе од две недели со тешка машинерија ги блокираат патиштата на северот на Косово, поради апсењето на Дејан Пантиќ, поранешен припадник на Косовската полиција осомничен за напад на службеници на Централната изборна комисија на Косово. Неколку дена подоцна уапсен е Слаѓан Трајковиќ, уште еден поранешен припадник на Косовската полиција, кој се товари за терористички акти. На двајцата им е одредена мерка притвор од 30 дена.

На Пантиќ вчера судскиот притвор му е заменет со куќен притвор, а Специјалното обвинителство на Република Косово ваквата одлука ја образложи со неговата лоша здравствена состојба и со тоа што не може да ги ужива правата што му припаѓаат како притвореник.

Косовската полиција на 10 декември, кога беа поставени барикади на патиштата, затвори два гранични премини, „Јариње“ и „Брњак“, на северот на Косово, за движење на луѓе и стока.

На апсењата и барикадите им претходеа инциденти на северот на Косово поради подготовките на косовските власти за одржување на вонредни избори во четири општини со српско мнозинство, кои потоа беа одложени за април следната година.

AA

Следете не, не има насекаде

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

mk_MK
mk_MK