Во периодот од 2003 до 2022 година во светот се убиени 1.668 новинари, во просек по 80 годишно, покажуваат податоците кои денеска ги објави организацијата Репортери без граници (РСФ).
Во извештјот се посочува дека Ирак и Сирија се сметаат за најопасни земји за новинарска професија. Тие две земји зафатени од војна со вкупно 578 убиени новинари само во последните 20 години претставуваат една третина од вкупниот број убиени новинари во светот во тој период, пред Мексико (125), Филипини (107), Пакистан (93), Авганистан (81) и Сомалија (78).
Мажите претставуваат 95 отсто од убиените новинари.
Во последните две децении, „најцрни“ години беа 2012 и 2013 година, со 133, односно 142 загинати новинари, најмногу во војната во Сирија .
Бројот на убиени новинари повторно почна да расте во 2022 година, при што 58 новинари беа убиени додека ја извршуваа својата работа, во споредба со 51 во претходната година, како резултат на војната во Украина. Во Украина, осум новинари ги загубија животите од почетокот на руската инвазија во февруари, додавајќи на 12-те што беа убиени таму во текот на претходните 19 години.
Украина е на второто место за најопасните земји за новинарите во Европа, по Русија, каде за 20 години беа убиени 25 новинари.
РСФ наведува дека откако Владимир Путин дојде на власт, нападите, вклучително и смртоносни, врз слободата на медиумите во таа земја се систематски, истакнувајќи го убиството на Ана Политковска на 7 октомври во 2006 година
Со осум убиени новинари, Франција е четврта на црната листа во Европа, по Турција.
На глобално ниво, иако известувањето од вооружени конфликти е причина за многу смртни случаи, во последните 20 години повеќе новинари се убиени во мировните зони отколку во воените зони, поради нивните истраги за организиран криминал и корупција.
Американскиот континент (Мексико, Бразил, Колумбија, Хондурас), каде се наоѓаат речиси половина од убиените новинари во 2022 година, е „неспорно најопасниот за медиумите денес“, според Репортери без граници.
Следете не, не има насекаде