ноември 22, 2024

Напорите за евроинтеграциските процеси, политичките прашања и спорови, бројните посети и повици на меѓународните лидери беа меѓу најважните теми минатата година, кои продолжија и во 2022 во Македонија, Косово и Албанија

Напорите за евроинтеграциските процеси во европските организации, политичките прашања и спорови, бројните посети и повици на меѓународните лидери беа меѓу најважните теми минатата година, кои продолжија и во 2022 година во Македонија, Косово и Албанија.

– Северна Македонија –

– На 17 јануари Собранието на Македонија ја одобри новата Влада предводена од премиерот Димитар Ковачевски, кој дојде на чело на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), откако поранешниот премиер Зоран Заев поднесе оставка по слабиот успех на неговата партија на локалните избори, одржани во октомври минатата година.

– На 3 март Собранието на Македонија одобри декларација со која се осудуваат „воените напади кои го загрозуваат територијалниот интегритет и суверенитет на Украина“, во која се повикани надлежните институции да бидат во тесна координација со земјите членки на НАТО и на Европската Унија (ЕУ).

– На 25 март фудбалската репрезентација на Македонија на Стадионот „Ренцо Барбера“ во Палермо го совлада европскиот шампион Италија со резултат 0:1 во полуфиналето на плејоф турнирот од европските квалификации за Светското првенство во Катар 2022 година.

– На 30 март Државниот завод за статистика на Македонија ги објави резултатите од пописот на населението во земјата, при што соопшти дека се регистрирани вкупно 2.097.319 државјани на земјата, од кои 1.836.713 се жители, а 260.606 се нерезиденти. Последниот попис на населението во земјата беше одржан во 2002 година.

– На 21 мај, во пресрет на Светското првенство во фудбал 2022 година, златниот трофеј што му се доделува на победникот на Шампионатот, за првпат во историјата на македонскиот фудбал пристигна во Скопје заедно со легендата на бразилскиот фудбал, Жилберто Силва.

– На 7 и 8 јуни во Охрид се одржа Самитот на иницијативата „Отворен Балкан“, на кој на лидерите на Албанија, Србија и Македонија за првпат им се придружија лидерите од Црна Гора и Босна и Херцеговина, кои ја поддржаа иницијативата, изразувајќи желба да се приклучат во иднина.

– На 16 и 17 јуни во Охрид се одржа Преспа форум дијалогот, платформа формирана од страна на Владата на Македонија која има за цел да ги инспирира и промовира добрососедските односи и соработка. Покрај учеството на лидерите на земјите од регионот и пошироко, на Форумот преку видеоврска се обрати и украинскиот претседател Владимир Зеленски.

– На 2 јули во Скопје започнаа опозициските протести против „францускиот предлог“ за решавање на спорот меѓу Скопје и Софија, кои продолжија и во наредните денови на кои се регистрираа и инциденти, откако Владата на земјата претходно го прифати модифицираниот предлог од страна на француското претседателство, по што беше најавен почеток на консултативен процес во земјата, кој требаше да доведе до укинување на двегодишното вето на Бугарија за интеграција на Македонија во ЕУ.

– На 16 јули Собранието на Македонија ги одобри заклучоците со кои Владата се обврзува да го продолжи процесот со ЕУ, како и да ја одобри рамката за преговори за членство во Европскиот блок, односно „францускиот предлог“, предложен од претседателството на Франција со Советот на ЕУ.

– На 19 јули во Брисел се одржа првата меѓувладина конференција меѓу ЕУ и Македонија и Албанија, која го означи отворањето на преговорите за членство на двете земји во ЕУ.

– На 19 октомври преку електронски адреси започнаа заканите за поставени бомби во училишта, државни институции, јавни претпријатија и трговски центри, кои продолжија и во декември, а полицијата во земјата подоцна ги провери сите закани и утврди дека се лажни.

– Косово –

– На 25 февруари Владата на Косово воведе економски и финансиски санкции кон Руската Федерација, еден ден откако Москва ја започна својата воена агресија против Украина.

– На 12 мај Косово официјално аплицира за членство во Советот на Европа со седиште во Стразбур, Франција.

– На 17 мај Косово и Туркије потпишаа договор за набавка на производи за одбранбени услуги, договор потпишан од шефот на Одделот за одбранбена индустрија при турското Претседателство, Исмаил Демир и косовскиот министер за одбрана, Арменд Мехај, за време на неговата посета на Анкара.

– На 18 мај Специјалниот суд за воени злосторства на Косово со седиште во Хаг ги прогласи за виновни двајцата водачи на Организацијата на воени ветерани на Ослободителната војска (ОВЛ-УЧК), Хисни Гуцати и Нашим Харадинај, и ги осуди на 4 и пол години затвор и парична сума од 100 евра.

– На 10 јуни, премиерот на Косово, Албин Курти, во Приштина со највисоки државни почести го прими германскиот канцелар Олаф Шолц. Меѓу другото, Шолц по оваа средба рече дека дијалогот меѓу Косово и Србија треба да заврши со меѓусебно признавање.

– На 20 јуни Владата на Косово и Владата на Албанија на осмата заедничка седница во Приштина потпишаа вкупно 19 нови договори, кои опфаќаа широк спектар на области, како што се инфраструктурата, образованието, редот, енергетиката, заедничкиот економски пазар, туризам, одбрана и др.

– На 21 јуни Косово и Србија, со посредство на ЕУ, во Брисел го одобрија патоказот за имплементација на договорот за електрична енергија во општините со српско мнозинство на северот на Косово, во рамки на состанокот на главните преговарачи, Бесник Бислими од косовската страна и Петар Петковиќ од српската страна.

– На 29 јуни косовската џудистка Дистриа Красниќи го обезбеди златниот медал за Косово на Медитеранските игри „Оран 2022“ во Алжир. Красниќи, која се натпреваруваше во категоријата до 52 килограми, во финалето со „Ипон“ ја победи Хрватката Ана Викторија Пуљиз.

– На 29 јули Владата на Косово ја одобри одлуката да се овозможи регистрација на возилата со илегални регистарски таблички кои циркулираат главно на северот на земјата во легалните „РКС“. Воспоставен е и реципроцитет со Србија, според кој, на секое лице кое има намера да ја преминува државната граница со лична карта издадена од властите на Србија, на граничните премини ќе му биде доставен лист со декларација која привремено ја заменува употребата на таков документ.

– На 27 август во Брисел беше постигнат договор меѓу Косово и Србија за тоа граѓаните на Косово да можат да влезат во Србија само со лични карти и без дополнителни документи и обратно.

– На 5 и 6 ноември претставниците на парламентарната партија Српска листа донесоа одлука да поднесат оставки од косовските институции. Нивните оставки дојдоа како реакција на одлуката на Владата на Косово за почеток на новата фаза за регистарски таблички и за суспензијата на полицаецот Ненад Ѓуриќ кој одби да ја спроведе владината одлука.

– На 6 декември во двете општини со мнозинство на српската заедница на северот на Косово, Зубин Поток и Северна Митровица, Косовската полиција евидентира неколку инциденти за кои постоеше сомневање дека се истрели од огнено оружје и експлозии за време на подготовката за избори во овие општини кои требаше да се одржат на 18 декември.

– На 10 декември некои локални Срби на северот на Косово поставија барикади на патиштата кои водат до двете гранични точки со Србија, Јариње и Брњак. Ова беше нивниот одговор на приведувањето на поранешниот српски полицаец Дејан Пантиќ од страна на безбедносните сили на Косово, за кого постои сомневање дека организирал терористички напад врз канцелариите на Централната изборна комисија на северот на Косово.

– Косово на 15 декември официјално аплицира за членство во ЕУ, а примопредавањето се одржа во зградата на чешката Влада во Прага.

– На 16 декември Специјалниот суд за воени злосторства на Косово го прогласи обвинетиот Салих Мустафа, поранешен командант на Ослободителната војска на Косово (ОВК), за виновен за воени злосторства, осудувајќи го на 26 години затвор.

– На 29 декември се тргнати барикадите поставени од косовските Срби на северот на земјата.

– Албанија –

– На 8 јануари на протестот организиран пред седиштето на Демократската партија на Албанија (ПД) настанаа тензии и инциденти, откако демонстрантите ги скршија вратите и прозорските стакла при влегувањето во седиштето, а во меѓувреме интервенира полицијата за да ги растера демонстрантите. Насилните инциденти настанаа како резултат на судирот на две групи внатре во ПД.

– На 17 јануари, претседателот на Туркије, Реџеп Таип Ердоган, престојуваше во официјална посета на Албанија, каде што се сретна со високи претставници на земјата. Учествуваше и на церемонијата на примопредавање на становите изградени со финансирање на Туркије за семејствата погодени од земјотресот во ноември 2019 година и на свеченото отворање на реставраторските работи во Етхем-беговата џамија во Тирана.

– На 4 февруари поранешниот министер за внатрешни работи на Албанија, Саимир Тахири, беше осуден на 3 години и 4 месеци затвор за злоупотреба на службената положба од Специјалниот апелационен суд за корупција и организиран криминал во Тирана. Саимир Тахири ја извршуваше функцијата министер за внатрешни работи на Албанија во периодот 2013 – 2017 година.

– На 7 февруари Уставниот суд на Албанија го затвори рочиштето за преиспитување на одлуката на Собранието на Албанија за „разрешување на тогашниот претседател Илир Мета поради тешки прекршувања на Уставот“, а на 17 февруари судот потврди дека ја поништи одлуката на Собранието со која не се одобри разрешување на поранешниот претседател Мета.

– На 21 март Љуљзим Баша поднесува оставка од функцијата претседател на Демократската партија на Албанија (ПД). Баша беше избран за лидер на Демократската партија во 2013 година, двапати беше реизбран за нејзин лидер, а во меѓувреме, пред да биде избран за претседател на Демократската партија, беше и на неколку министерски функции.

– На 25 мај на Стадионот „Ер Албанија“ во Тирана се одржа финалниот натпревар од Конференциската лига на УЕФА меѓу Рома и Фејнорд, кој заврши со резултат 1:0 во полза на италијанскиот тим.

– На 7 јули Парламентот на Албанија ја одобри резолуцијата „За сеќавање и чест на жртвите на геноцидот во Сребреница“, што беше предложена од владејачката партија, Социјалистичката партија на Албанија.

– На 17 јули албанските власти потврдија дека е извршен масовен кибернапад врз Албанија. Според властите, „киберагресијата била предводена и спонзорирана од Исламската Република Иран“.

– На 24 јули Бајрам Бегај официјално ја презеде функцијата претседател на Албанија. Бегај, кој ја извршуваше функцијата началник на Генералштабот на Армијата на Албанија, на 4 јуни годинава беше избран за нов претседател на Албанија со петгодишен мандат, на местото на поранешниот претседател Илир Мета.

– На 20 август настана инцидент во воена фабрика во Грамш, Албанија, каде што, според албанските власти, двајца руски државјани и еден украински државјанин се обиделе да влезат во фабриката, при што користеле и неопарализирачки спреј, од чија употреба двајца албански војници се повредени. По инцидентот странските државјани беа приведени.

– На 30 август е приведен основачот на платформата „Тодекс“, Фарук Фатих Озер, кој се бараше со црвена потерница на Туркије и кој е обвинет за кривичните дела „Создавање криминална организација“ и „Измама со тешки последици“. Во моментов, Озер е под безбедносна мерка притвор во Албанија, додека судскиот процес за неговата екстрадиција во прв степен е завршен и процесот продолжува во апелација.

– На 7 септември албанските власти потврдија дека Албанија одлучила да ги прекине дипломатските односи со Иран, како „одговор на кибернападот врз дигиталната инфраструктура на Владата на Албанија“, напад што се случи во текот на јули 2022 година.

– На 10 септември властите во Албанија потврдија дека е извршен уште еден кибернапад врз Албанија од страна на Иран, односно против системот за управување со тотални информации (ТИМС), систем кој го проверува и администрира влезот и излезот на граничните точки на Албанија.

– На 20 и 21 ноември Албанија ја зафати лошо време, од кое две лица го загубија животот во Скадар. Поради поплавување на водите поплавена е и Оловната џамија во Скадар.

– На 27 ноември во Тирана се одржа првиот заеднички состанок на Парламентот на Албанија и Парламентот на Косово, со учество на високи претставници од двете земји, во рамки на 110-годишнината од прогласувањето на независноста на Албанија.

– На 6 декември во Тирана беше организиран Самитот ЕУ-Западен Балкан, прв од таков вид одржан во регионот. Самитот ги собра лидерите на ЕУ и на регионот, на разговори за повеќе прашања во главниот град на Албанија.

– На 6 декември во Тирана се одржа протест со поддршка на пратениците од опозициските партии, Демократската партија на Албанија (ПД) и Партијата на слободата (ПЛ), кој беше проследен со инциденти. За време на протестот едно лице го удри поранешниот премиер на Албанија, Сали Бериша, раскрвавувајќи го, што предизвика моменти на тензија.

Следете не, не има насекаде

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

mk_MK
mk_MK