Незадоволни од работата на локалната власт да ги спроведе судските налози, група за човекови права побара помош во ОН во врска со прашањето за изградба на верски објект за муслиманските верници во Јужна Кореја во која живеат околу 200.000 муслимани
Група за човекови права во Јужна Кореја упати апел до Обединетите нации (ОН) со барање да ѝ помогнат во изградбата на џамија во Јужна Кореја.
Незадоволни од работата на локалната власт да ги спроведе судските налози, група за човекови права побара помош во ОН во врска со прашањето за изградба на верски објект за муслиманските верници во Јужна Кореја во која живеат околу 200.000 муслимани.
Апелот е упатен откако жителите на градот Тегу во југоисточниот дел на земјата ја блокираа изградбата на џамијата во близина на Националниот универзитет „Кјунгпук“.
Дозволата за изградба на двоспратна џамија е добиена во 2020 година, а предвиденото место претходно било користено како место за изведување молитви.
– Опструкција на градежните работи
Локална група за човекови права во понеделникот упати апел до специјалниот известувач на ОН за верски слободи да ги повика државните и локалните власти во Јужна Кореја да „интервенираат за да се запрат опструкциите на градежните работи од страна на населението и веднаш да се отстранат свинските глави“ од тоа подрачје.
Групата за мирно решавање на спорот во врска со изградбата на џамијата, упати апел бидејќи власта досега не се осврнувала на барањата на муслиманската заедница да се отстранат свинските глави од улицата која води кон локацијата каде што би требало да биде изградена џамијата.
Со петицијата што е упатена до официјалниот претставник на ОН, се повикуваат власта на Јужна Кореја и локалните власти „јавно да ги осудат сите облици на дискриминации што се темелат на религии и раси и за сите јавни службеници во Тегу да организираат едукација за должноста на верска неутралност и антирасизам“.
– Транспаренти и свински глави
Оние што се спротивставуваат на изградбата на џамијата го блокираа пристапот до градилиштето, поставувајќи транспаренти и свински глави во близина на местото каде што би требало да биде изграден верскиот објект.
И покрај судските налози да се започне со изградбата, локалната муслиманска заедница не може да го заврши објектот бидејќи поединци го попречуваат целиот процес.
„Ќе се бориме против изградбата на џамијата до последниот здив“, пишуваше на транспарентот истакнат покрај градилиштето.
– „Чиста исламофобија“
Осудувајќи го таквиот чин како исламофобичен, Миан Муаз Разак, претставник на муслиманските студенти, за дневниот весник „Саут Чајна морнинг пост“ (South China Morning Post) изјави дека муслиманите во земјата ги нарекуваат и терористи.
„Одржуваат собири против исламот, нѐ нарекуваат терористи, поставуваат транспаренти со пораки против нашата религија, делат памфлети на омраза против муслиманите. Како да се наречат ваквите постапки? Ова е чиста исламофобија“, рече Разак.
Според вестите што ги објавуваат тамошните медиуми, локалните официјални лица соопштиле дека се беспомошни велејќи: „Немаме надлежност да отстрануваме свински глави без одобрение на жителите бидејќи станува збор за нешта што се купени од некои граѓани.“
– Во Јужна Кореја живеат околу 200.000 муслимани
Од околу 52 милиони жители на Јужна Кореја, 28 отсто од нив се изјасниле за христијани на пописот на населението спроведен во 2015 година, а 15,5 рекле дека се будисти.
Според податоците на Корејската муслиманска заедница, во земјата живеат околу 200.000 муслимани, или околу 0,4 отсто од популацијата на земјата.
AA
Следете не, не има насекаде