Од денес започнува услугата „Итно Копче“, наменета за нашите постари и изнемоштени сограѓани и сме прва општина во Македонија која го нуди ова!
Оваа услуга која е достапна 24/7, е овозможена преку соработката со Црвениот крст и претставува уште еден чекор напред во нашата посветеност кон грижата за најранливите категории на граѓани.
„Итно Копче“ е иновативен аларм-уред кој на нашите сограѓани им овозможува брз и лесен пристап до помош во секое време.
Сѐ што е потребно е да го притиснат копчето на уредот, по што ќе добијат повик од операторот на контакт центарот на Итно Копче.
По воспоставувањето на контакт, корисникот ќе ги сподели информациите за своите тегоби, а обученото лице ќе му даде понатамошни насоки. Доколку е потребно, ќе биде испратен тим за прва помош директно во нивниот дом.
Општина Кисела Вода и досега беше лидер во обезбедување на услуги за постарите и изнемоштените лица и лицата со посебни потреби.
Ние први започнавме со услугата за бесплатен превоз, овозможувајќи им на нашите повозрасни сограѓани транспорт до лекар или до некоја институција за вршење на административни услуги.
Оваа услуга продолжува и годинава, но со големо задоволство ја промовираме и новата услуга со бесплатни нараквици со итно копче.
За почеток, Кисела Вода обезбедува вакви нараквици за 40 корисници, со надеж дека оваа бројка ќе се зголеми во иднина.
Се надеваме дека и другите општини, а зошто не и Градот Скопје, ќе ја следат оваа траекторија и ќе се приклучат кон обезбедувањето на подобри услови за граѓаните.
Сакам искрено и од срце да му се заблагодарам на д-р Саит Саити од Црвениот Крст за поддршката и беспрекорната соработка која ја имаме изминативе години.
Продолжуваме понатаму.
Нашата мисија е да обезбедиме безбедност, грижа и поддршка за сите наши сограѓани, а „Итно Копче“ е уште еден значаен чекор во остварувањето на таа мисија.
Следете не, не има насекаде