ноември 24, 2024

Струмичкиот митрополит Наум, во интервју за порталот „Струмицанет“, тврди дека не постојат нерешливи прашања во односите меѓу МПЦ-ОА и Вселенската патријаршија. Директно контрирајќи на позициите за три неприфатливи услови што пред десетина дена ги изнесе Архиепископот Стефан, Владиката Наум вели дека, поглаварот на МПЦ-ОА ја има најголемата одговорност во настапите и треба да биде внимателен.

Сепак, струмичкиот митрополит во интервјуто детално го опишува проблемот меѓу МПЦ-ОА и Вселенската патријаршија, одговарајќи поединечно на сите три наводни услови и е категоричен дека Фанар ниту бара промена на уставното име на МПЦ-ОА, ниту пак признавање на украинската автокефалност, а дека прашањето за дијаспората воопшто и не е никакво прашање.

Во поглед на прашањето за името на МПЦ-ОА, владиката Наум вели дека Вселенската патријаршија зборува за име под кое МПЦ-ОА ќе биде запишана во диптихот на автокефални цркви, а не за ново уставно име.

– јас не мислам дека Вселенската Патријаршија ќе побара промена на нашето уставно име, тоа воопшто не е црковна проблематика – генерално, освен, ако именувањето случајно не задира во нечија друга јурисдикција, ама и за тоа постои договор. Но, треба сите да знаеме дека Вселенската Патријаршија, како Мајка Црква, која се грижи за сеправославното единство, сите Томоси за автокефалност дадени досега од неа ги именува без национален предзнак, на пример: Пеќска Патријаршија, Трновска Патријаршија, Московска Патријаршија, Охридска Архиепископија итн., или Православна Црква на Грција, Православна Црква на Романија, Православна Црква на Албанија итн. – со што се истакнува нивното единство, а не Руска, Српска, Бугарска, Македонска или Грчка Православна Црква – со што се потенцира етничката поделба. Некои Цркви си го додале и националниот предзнак потоа, како резултат на разни борби за осамостојување или освојување, но не велат дека е така поради тоа што е тоа само нивна национална црква, бидејќи етнофилетизмот е осуден како ерес од целата Православна Црква и користењето на името во таков контекст е крајно недозволиво, затоа ваквото именување го правдаат со пастирски причини и го извлекуваат од името на својата држава.

-Колку што се сеќавам, ние уште пред неколку години се договоривме кон грчкиот свет на Цркви да го користиме името Охридска Архиепископија, а на тоа нѐ упатува и документот што Пеќската Патријаршија го нарече Томос за наша автокефалност. Ние сме им многу благодарни за тој документ, иако и тој документ си има свои недостатоци. Но, еднаш напишав дека ние сме автокефална Црква согласно нашиот Устав од 1967 година, со свое име, и за нас нема поважен правен акт од тој, додека актите што ги носат другите Цркви за нас се само нивен начин да стапат во канонско и евхаристиско единство со нас, тие се израз на нивната љубов кон нас – но не и правно обврзувачки акти за нас, а ние ги прифаќаме само како израз на љубов и нивна желба да стапат во канонска и евхаристиска заедница со нас – инаку, никако не би можеле сериозно да прифатиме, на пример, некој да ни ја признава автокефалноста само под име „Северномакедонска Православна Црква“, или нашиот свет Поглавар како „Северномакедонски Архиепископ“, или дека нашиот имот не бил наш и дека ние сме биле „автокефална Црква под кирија“. Како и да е, не мислам дека Вселенската Патријаршија ќе побара од нас промена на нашето уставно име, а како добра Мајка Црква ќе ни даде со Томосот исто колку што дала и на сите останати – ни помалку, ни повеќе, а посебно што пред цел свет ќе ни го потврди и утврди нашето најсвето, најславно и суштинско црковно име – Охридска Архиепископија, како и нејзиниот историски континуитет, што ќе биде признато од сите Помесни Цркви. Знам дека постоеле некакви неофицијални комуникации, дури и една писмена, со Вселенската Патријаршија, кои може да укажуваат на некаков поинаков исход, но ова што го мислам може да се провери само во лична комуникација со Патријархот Вартоломеј, и луѓето околу него – одговорни за нашиот случај, кога наша црковна делегација за разговори ќе ја посети Патријаршијата во Фанар. Ваква е сегашната геополитичка ситуација. Потоа – не знам, обично станува само полошо. Сетете се како поминавме во случајот со државата, или размислете само каков ни е наталитетот и одењето по работа во странство и иселувањето. И на крај, бидејќи очигледно црковните прашања станале и политички, први кои реално ќе се судрат со евентуалниот проблем ќе бидат нашите актуелни влади, но не дај Боже да стигнеме дотаму, тогаш ќе биде доцна да се поправи штетата, затоа е потребна превенција, вели владиката Наум во интервјуто за „струмицанет“.

Прашањето за дијаспората, потенцира дека воопшто не е никакво прашање, а не пак нерешлив услов од Вселенската Патријаршија. Наум ги демантира дел од владиците на МПЦ-ОА кои постојано тврдфат дека Фанар барал откажување од дијаспората.

-Што се однесува до нашата дијаспора, тука барем немаме никаков проблем. Колку што јас знам и колку што јас сум бил присутен на разговори на таа тема, од нас се побара само титулите на нашите Епископи да не се поклопуваат со титулите на Епископите на Вселенската Патријаршија – што не е никаков посебен проблем. Тоа е единствената молба кон нас, особено што и тие и ние знаеме дека имотот на дијаспората е имот на приватни компании или здруженија, и со тој имот единствено самите тие си располагаат и никој друг, па ни ние, како Свет Синод. Затоа Архиепископот вели дека евентуалното такво барање би било крајно невозможно. Прашањето за црковно-административно регулирање на дијаспората ќе се решава на некој иден Вселенски Собор – ако даде Бог, вели струмичкиот митрополит.

Според него дезинформации во јавноста има и околу темата за автокефалноста на Украина. Струмичкиот митрополит е дециден дека никој не бара МПЦ-ОА да ја признае оваа црква дсега, туку сугестијата на Вартоломеј била да се воспостават контакти и можни сослужувања и тоа на владици од МПЦ-ОА кои сакаат.

-Што се однесува до Православната Црква на Украина, барањето на Вселенската Патријаршија не е да ја признаеме таа Црква, туку само да сослужуваме со нејзините Епископи, и тоа не сите ние, туку кој од нас сака. И ова прашање не е нерешливо, посебно ако се има предвид дека на овој начин и други Цркви го решиле проблемот, а со тоа би можело да се одржи, посредно и непосредно, целото единство на Едната, Света, Соборна и Апостолска Црква, вклучувајќи ја тука, секако, и Московската Патријаршија и нејзините интереси. Со вакво решение никој нема да биде потполно задоволен, ни Цариград – ни Москва, но и никој не би требало да биде и потполно незадоволен, битно е дека севкупното црковно единство ќе се одржи, посредно или непосредно – што е најважно. Заради тоа единство и Москва не сослужува со тие што сослужувале со Епископи од Православната Црква на Украина, но сослужува со оние Епископи кои сослужуваат со Епископи кои сослужувале со нив. Кога несослужувањето би било доследно, тогаш Москва не би требало да има заедница ни со тие што сослужувале, ни со тие што сослужуваат со тие што сослужувале. На пример, еден руски Епископ нема да сослужува со Вселенскиот Патријарх Вартоломеј, затоа што тој сослужува со Епископи од Православната Црква на Украина, но сепак ќе сослужува со нашиот Архиепископ г.г. Стефан, кој пак, сослужува со Вселенскиот Патријарх. Значи, ниту Москва сака потполн раскол, ниту некој друг, ниту некој треба да сака. И не само што сослужуваат сите меѓу себе, туку и се спомнуваат во Светата Литургија, што е превосходно заедничарење. Најлесно е да останеме во комфорната позиција и да не преземеме никаква одговорност, но тој пат никогаш не завршува добро. Ние, кои сме непризнати – од повеќето, како автокефална Помесна Црква, ќе имаме право да ја признаваме автокефалноста на некоја идна Помесна Црква, но дури откако најпрво и ние добиеме Томос за автокефалност од Вселенската Патријаршија, вели струмичкиот митрополит Наум.

Во интервјуот тој е дециден дека Томосот од СПЦ за наводна автокефалност е незавршен документ и дека тој треба да се третира како препорака за автокефалност и дека тоа е заеднички веќе утврден став на црквата на ниво на Синод.

-И секако, треба да дејствуваме согласно одлуките што нашиот Свет Синод ги донел досега, така што, на пример, една од нашите клучни одлуки е и дека бараме Томос за автокефалност од Вселенската Патријаршија. Што значи, со одговорите на Вашите прашања не ги изразувам само моите ставови за прашањата што ги обработувам, туку фактичката состојба и некои од постоечките можни исходи на појавените проблеми, согласно разните гледишта – обидувајќи се да ги помирам. Да не забораваме, ние сме Епископи на Едната, Света, Соборна и Апостолска Црква, и наша главна задача е да се грижиме за нејзиното единство. Со таа грижа покажуваме и зрелост за автокефалност, која ќе биде призната од сите, а не само од две Цркви. Исто така, секое заземање на една страна во постоечкиот конфликт меѓу Цариград и Москва би значело губење на нашата скапо самопрогласена автокефалност и наше претопување во едната од двете страни – и губење на сѐ. Всушност, ние и поради тој конфликт бевме прифатени, инаку кој би нѐ признал за што било… Како и да заврши, сѐ се сведува на прашањето дали Бог ни е на прво место или нешто друго, за што секој еден од нас ќе треба да даде одговор уште сега, после е доцна.

Целото интервју со владиката Наум прочитајте го на следниот ЛИНК

Следете не, не има насекаде

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

mk_MK
mk_MK