ноември 24, 2024

Во чест на 100-годишнината од физичкото заминување на Франц Кафка (1883-1924), ЈОУ Библиотека „Гоце Делчев“ – Гевгелија распиша конкурс за книжевни творби – раскази или есеи, на кој пристигнаа вкупно 28 книжевни творби, од кои 18 раскази и 10 есеи.

Жири-комисијата во состав: проф. д-р Александар Прокопиев (претседател), проф. д-р Славчо Ковилоски (член) и доц. д-р Билјана Рајчинова-Николова (член) издвои три од пристигнати творби и одлучи да ги додели следниве награди:

1. Награда: „Помошникот“ – шифра „Црниот обелиск“; автор Емилија Гиноска

2. Награда: „Средба со пријател“ – шифра „Еднорог“; автор Катерина Момева

3. Награда: „Алгоритам на смртта“ – шифра „Енџелс роуд“; автор Ненад Живановски – Столиќ

Сите три главни наградени книжевни творби се раскази, кои се одделија не само по својата смисленост (почеток, средина, крај), туку по умеењето да се навлезе во кафкијанската атмосфера и теми, за читателот да ги прифати со задоволство.

Првата награда, расказот „Помошникот“ ја заслужи со својата вдахновена, структурно согласна и убедливо раскажана исповед што, во кафкијански стил, во сета нејзина апсурдност, ја прифаќаме како вистинита. Духовита, спонтана и точна.

Втората награда му припадна на расказот „Средба со пријател“, за којшто авторот отмено нагласува дека е инспириран од сјајниот расказ „Ненадејна прошетка“ на Кафка. Овој мошне интересен, осовремен експеримент со кафкијанската опсесија од семејна присилба и потреба да се избега од неа, е пренесена стилски и јазично интелигентно, со долги, нијансирани реченици што оставаат силен впечаток.

Третата награда ја доби расказот „Алгоритам на смртта“, возбудлива приказна за секојдневните трагикомични искушенија на современата жртва на интернет замките, напишана духовито и интересно.

Жирито додели и уште три дополнителни признанија за пристигнатите творби, меѓу кои уште една од нив спаѓа во рамките на кратката проза, а дополнителни две се есеи.

Авторот на „Во Поштата“ (шифра: „29910“; автор Бојан Таневски) го води расказот постепено и убедливо го доловува кафкијанскиот клаустрофобичен простор со кој владее бирократијата.

Две дополнителни признанија добија и есеите инспирирани од творештвото на Кафка, „Детериторијализацијата и причината за постоењето на одредени ликови во расказите на Кафка: ‘Извештај до една академија’, ‘Сосед’, ‘Мелез’ и ‘Грижата на домаќинот’ “ (шифра: „chernichelovek“; автор Давид Стојаноски) и „Перото на Франц Кафка: писалка на перенијални теми“ (шифра: „Полна Месечина 26“; автор Ана Шапкарова), напишани со познавање, водени мисловно, разиграно и вживеано.

Следете не, не има насекаде

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

mk_MK
mk_MK