Лидерите на земјите од Латинска Америка синоќа во Бразил се сретнаа со новиот претседател на земјата, Луис Инасио Лула да Силва, честитајќи му ја функцијата и изразувајќи надеж дека Бразил ќе преземе поголема улога на меѓународната сцена.
Вчерашниот беше прв работен ден на Лула на функцијата, откако на 1 јануари свечено ја презеде должноста претседател.
Претходникот на Лула и жесток политички противник, Жаир Болсонаро, кој не присуствуваше на инаугурацијата, ретко патуваше во странство и ретко ги примаше шефовите на другите држави во посета и стануваше се поизолиран.
Новиот претседател на Бразил се сретна со претседателите на Аргентина, Алберто Фернандез, на Боливија, Луис Арсе, на Еквадор, Гиљермо Ласа, на Чиле, Габриел Бориќ и на Колумбија, Густаво Петро.
На инаугурацијата на Лула во Бразилија одржана ден претходно присуствуваа и други јужноамерикански лидери, а меѓу нив беше и претседателот на Уругвај, Луис Алберто Лакале По.
Лула синоќа се сретна и со Ванг Чишан, потпретседателот на Кина која е убедливо најголем увозник на бразилска стока, како и со претседателот на Ангола и со претставници на властите на Куба, Венецуела и Перу.
Следете не, не има насекаде