Плеврис порача дека ЕУ треба да преземе чекори за поддршка на европската индустрија за лекови бидејќи кризата покажала дека Блокот не може да зависи само од увозот на суровини од Азија
Грција ја повика Европската Унија (ЕУ) да смисли заедничко решение за недостигот на лекови што погоди повеќе земји членки, изјави денеска грчкиот министер за здравство.
Во изјава за државната телевизија ЕРТ, министерот за здравство, Танос Плеврис, рече дека преку писмо се обратил до европската комесарка за здравство и безбедност на храна, Стела Киријакиду, за можните решенија за недостигот.
Истакнувајќи дека Грција вчера воведе низа мерки за справување со проблемот, тој ја истакна важноста од изнаоѓање заедничко решение.
Како пример, Плеврис предложи дека централизираниот увоз и дистрибуција на суровините што се користат во фармацевтската индустрија може да послужи како итно решение.
Додаде дека ЕУ треба да преземе чекори за поддршка на европската индустрија за лекови бидејќи кризата покажала дека Блокот не може да зависи само од увозот на суровини од Азија.
Плеврис нагласи дека во услови на сезоната на грип и други инфекции на горните дишни патишта, моменталната голема побарувачка за лекови што се користат против тоа ќе се намали со зголемувањето на температурите со изминувањето на зимата, со што ќе се нормализира пазарот.
Грција вчера воведе итен план за справување со недостигот на лекови.
Мерките ќе опфатат поскапување на многу евтините лекови и поголем придонес на осигурените пациенти при купувањето лекови, како и построга контрола на магацините и аптеките.
Следете не, не има насекаде