Нова алатка на вештачката интелигенција (AI) во Обединетото Кралство открива срцеви заболувања кај луѓето уште пред да пројават симптоми, пишува германската агенција „ДПА“.

Алатката ги пребарува медицинските досиеја за да најде знаци кои укажуваат на ризик од развој на атријална фибрилација.

Еден поранешен офицер, кој учествуваше во тестирањето на алатката, рече дека е навистина благодарен што му била откриена атријална фибрилација. Џон Пенгели изјави дека сега му требаат само неколку апчиња дневно за да го намали зголемениот ризик од потенцијално фатален мозочен удар. Атријалната фибрилација е состојба во која срцето чука неправилно и често многу брзо, а исто така доведува до зголемен ризик од мозочен удар. Кај некои луѓе може да предизвика и  вртоглавица, отежнато дишење и чувство на замор.

Меѓутоа, некои немаат никакви симптоми и не се ни свесни дека чукањето на срцето им е неправилно.

Атријалната фибрилација е дијагностицирана кај околу 1,6 милиони луѓе низ Велика Британија. Но, Британската фондација за срце (БХФ) рече дека веројатно има илјадници луѓе во земјата кои не се свесни дека имаат атријална фибрилација бидејќи не им била дијагностицирана. Кога состојбата е откриена и третирана рано, таа може да се контролира и да се намали ризикот од мозочен удар.

Новата алатка за вештачка интелигенција што се тестира се нарекува „Find-AF“ и е финансирана од BHF и добротворната организација на болниците во Лидс. Алгоритмот е развиен од научници и лекари од Универзитетот во Лидс и британската јавно здравствена фондација „Лидс тичинг хоспиталс“.

Тие создадоа алатка која користи анонимни медицински досиеја собрани од повеќе од 2,1 милиони луѓе за да пронајдат индиции кои укажуваат на ризик од развој на атријална фибрилација.

Алатката потоа беше потврдена според медицинските досиеја на дополнителни 10 милиони луѓе.